Ситуацијата во северно Косово е напната. По полноќ, опожарен е Центарот за регистрација на возила во општинската зграда во Зубин Поток и Центарот за цивилна регистрација во Звечане.
Advertisements
Во текот на денот, медиумите на Косово објавија слики на кои се гледаат воени авиони над северниот дел на Косово. Објавени се слики од воената артилерија на Србија која тргнала кон северниот дел.
Министерството за внатрешни работи на Косово објави дека лицата осомничени за палење на двата објекти се дел од групите кои демонстрираа. На двата објекти биле фрлени гранати, кои според полицијата не експлодирале. Министерот за внатрешни работи, Џелал Свечла изјави дека синоќешните напади уште повеќе ја докажуваат потребата од присуство на специјалните единици на граничните премини Јариње и Брњак, оценувајќи го синоќешниот напад како криминален акт со терористички елементи.
„Овие криминални дејствија најдобро покажуваат што би се случило на граничните премини во Јариње и Брњак, доколку немаме присуство на специјалните единици за обезбедување ред и безбедност. Министерството за внатрешни работи со своите агенции е посветена на редот, безбедноста и владеењето на правото и е гарант за суверените одлуки на Владата на Република Косово, и покрај ваквите дејствија ќе продолжи со целосна посветеност во спроведување на одлуката на целата територија на Република Косово“, изјави Џелал Свечла, министер за внатрешни работи на Косово.
Српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин изјави дека полицијата и српската војска се подготвени за секоја ескалација на ситуацијата во Јариње и Брњак. Вулин додаде дека со пиштол вперен во главата не може да се преговара.
„Србија има право да ја контролира административната линија на границата и ова е нашата редовна активност. Се разбира, нашиот интерес за тој дел се зголеми бидејќи гледаме вооружени луѓе кои им го попречуваат патот на невооружените цивили. Србија не преговара кога има вперен пиштол в глава. Србија предводена од Александар Вучиќ има достоинство и став, знае што сака, а што не сака“, рече Александар Вулин, министер за внатрешни работи на Србија.
Денеска се навршуваат шест дена откако Владата на Косово воведе мерка за реципроцитет на Србија за регистарските таблички за автомобили. Речиси една недела на северот од земјата има полицајци, специјални единици и граѓани на општините со мнозинство Срби, кои ги блокираа патиштата со тешка механизација и чакал.
Адријан Керими