Висината на минималната плата ќе се покачи за 1,7 проценти и од април 2021 година ќе изнесува 22,146 денари бруто или 15,194 денари нето, соопшти Министерството за труд и социјална политика (МТСП) по денешната седница на Економско социјалниот совет (ЕСС).
Усогласувањето на платата се врши врз основа на законски предвидените параметри: една третина од порастот на просечно исплатената плата во Република Северна Македонија, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на БДП.
-Владата и Министерството за труд и социјална политика сериозно ги зедоа предвид тврдењата на Сојузот на синдикатите на Македонија кои се однесуваа на тоа дека во пресметката на минималната плата не треба да се земе последниот параметар – една третина од реалниот пораст на БДП, со образложение дека истиот е со негативен предзнак, односно тоа не претставува пораст. За таа цел, МТСП се обрати до Државниот завод за статистика (ДЗС) да даде мислење дали негативната стапка на раст го претставува реалниот пораст на БДП, во смисла на Законот за минимална плата. Во согласност со ставот на ДЗС, дека терминот реален раст се користи кога станува збор за раст или опаѓање на БДП, односно кога стапката има позитивен или негативен знак, Владата мора да го земе предвид и третиот критериум при усогласувањето на минималната плата, наведува Министерството.
Стапката на раст на БДП, како што дефинира и ДЗС, може да биде позитивен или негативен број, односно позитивна или негативна стапка на раст.
-Оттука Владата и Министерството за труд и социјална политика се должни целосно да го почитуваат и да постапуваат по Законот за минималната плата и при усогласувањето на минималната плата сме обврзани да ги земеме предвид трите законски наведени критериуми, нагласи министерката Шахпаска која претседаваше со Економско социјалниот совет.
Вице-премиерот Фатмир Битиќи оцени дека Владата не може целосно да го занемари или да го изедначи со нула еден од трите законски предвидените параметри за дефинирање на минималната плата, како што е предлогот на синдикатите, бидејќи тоа се коси со Законот.
На седницата на ЕСС беа разгледани и работните верзии на законските измени на Законот за работни односи и на Законот за трговија, кои се однесуваат на решението недела – ден за неделен одмор.
Министерката Шахпаска објасни дека по повеќемесечна анализа на состојбата во стопанството и проценетите финансиски импликации, одлуката трговските центри да работат во недела е разумна и основана. Затоа е добро тоа да биде регулирано во Законот за трговија, со конкретно дефинирана висина на надоместокот за работниците од трговијата кои ќе работат во недела.
Министерот за економија Крешник Бектеши, пред членовите на ЕСС ги елаборираше предложените измени на Законот за трговија и објасни дека начинот на кој ќе биде уредена работата во трговијата мора да биде уреден со Законот за трговија, а не со Законот за работни односи. На овој начин, нагласи тој, се зајакнува контролата над работодавачите, бидејќи се создаваат услови контрола покрај Државниот инспекторат за труд, да вршат и Управата за јавни приходи, како и Државен пазарен инспекторат.
-Со предложеното законско решение за трговските центри и трговците на мало се утврдува надоместок во висина од два проценти од вкупниот приход остварен во претходната година во ден недела и на празници, кои средства ќе се инвестираат во детски градинки, информираше Бектеши.
Вице-премиерот Битиќи додаде дека прометот на трговските центри, во услови кога во соседството нема соодветна регулација, не може да се занемари.
-Бидејќи за трговските центри за во недела се предвидува работно време од 10 до 18 часот, тоа значи дека во недела ќе биде ангажирана само една смена, поради што бројот на лицата кои ќе работат во недела ќе се преполови. Овие лица за работата во недела ќе добијат за 100 проценти повисока дневница. Барањата на работниците се испочитувани, долго ја водиме дебатата за да дојдеме до решение кое ќе биде и во интерес на работниците, но и кое нема драстично да и наштети на економијата, нагласи Битиќи.
Во однос на предложените измени на Законот за работни односи министерката Шахпаска информираше дека се разгледува можноста примената на законските измени да биде одложена за 1 јануари наредната година, само поради економската криза што ја наметна Пандемијата.
-Определбата на Владата на Република Северна Македонија е јасна и ние посветено работиме на тоа недела да биде ден за одмор за повеќето работници. Но, уште на почетокот на разговорите и Владата и јас потенциравме и бевме јасни во одлуката дека примената на законот е врзана со завршувањето на пандемијата, нагласи Шахпаска.
Според МТСП, забелешките што претставниците на работниците ги имаа во делот на примената на законските решенија, но и во делот на придружните дејности ќе бидат сериозно разгледани, по што ќе се заокружи процесот на дефинирање на предлог-законските решенија.