Интересот на младите луѓе со бугарско потекло од странство за студирање во бугарските високообразовни институции останува стабилен. Тие се пријавуваат по владината одлука бр. 103 од 1993 година, која овозможува поволни услови за припадниците на дијаспората што немаат бугарско државјанство, јавува Трибуна.
Заменик-министерот за образование акад. Николај Витанов изјави за „Радио Бугарија“ дека за новата учебна година Министерството за образование и наука нуди 2000 места во државните универзитети. „Од нив, 40 се предвидени за докторски студии, а 240 за последипломски квалификации. Државата дополнително ги поддржува овие студенти и специјализанти со стипендии – 240 лева (околу 123 евра) за студентите и 1227 лева (околу 627 евра) за докторантите“, истакна Витанов.
Посебни поволности имаат студентите од седум земји – Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово, Казахстан, Украина и Молдавија. Тие се ослободени од школарини, имаат пристап до студентски домови и мензи, здравствено осигурување и задолжителен бесплатен курс по бугарски јазик.
За претстојната учебна година најмногу студенти доаѓаат од Украина (847), Молдавија (410), Северна Македонија (254) и Србија (160). Кај првите три земји е забележан раст на интересот, додека од Србија има мало намалување во споредба со минатата година.
„Најголем интерес има за медицинските специјалности – медицина, стоматологија и фармација,“ објаснува Росица Колева, директорка на Дирекцијата за високо образование во МОН. Кандидатите за овие насоки полагаат дополнителни испити по биологија и хемија преку онлајн платформа. Популарни се и архитектура, градежништво, право, како и економските насоки – бизнис администрација, економија на туризмот, стопански менаџмент и маркетинг.
Меѓу најпосакуваните институции се медицинските универзитети во Софија, Варна, Плевен и Пловдив, како и Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, УНСС, Економскиот универзитет во Варна и техничките универзитети во Софија и Варна. Студенти од дијаспората има и во Пловдивскиот, Великотрновскиот и Југозападниот универзитет во Благоевград.
Процесот на пријавување е поедноставен и се одвива преку онлајн платформата на МОН. По регистрацијата, кандидатите доставуваат документи за потекло и завршено образование, а по нивното одобрување избираат факултет и специјалности. На избраните им се издава уверение кое служи и за добивање долгорочна студентска виза за Бугарија.
Министерството активно ја промовира можноста за студирање во Бугарија преку средби и кампањи меѓу заедниците во странство, соработка со бугарските викенд-училишта и конзулатите, како и со Агенцијата за Бугарите во странство.
FacebookMessengerTwitterXWhatsAppViberEmailCopy LinkShare