Во ескалацијата на судирите меѓу Израел и Хамас, бројот на жртви денеска се зголеми на најмалку 43 убиени во Газа и шест во Израел.
Палестинските сили истрелале стотици ракети кон Израел, кој изврши силни воздушни напади врз Појасот Газа.
Палестинските сили потврдија дека истрелале 210 ракети кон Тел Авив и Бершеба по израелскиот воздушен напад во Појасот Газа, а израелската армија соопшти дека соборила третина од тие ракети и оти ги гаѓала милитантите во Газа како одговор на ракетните напади врз Ерусалим и други области.
Една повеќекатна станбена зграда во Газа е урната, а друга е сериозно оштетена откако повеќе пати беше погодена во израелските воздушни напади.
Израел соопшти дека неговите авиони утрово гаѓале и убиле неколку разузнавачки лидери на Хамас, а други напади биле насочени кон други воени цели на Хамас.
Претставници на Министерството за здравство во Газа потврдија дека во воздушниот напад има 43 жртви, вклучително и 13 деца, а израелските сили соопштија дека ги проверуваат овие извештаи и оти приоритет е избегнување на цивилни жртви, и дека нивните акции ги ограничуваат на воени цели.
Израелските политички лидери и војската соопштија дека убиле десетици „милитанти“ и извршиле напади врз објекти што ги користел Хамас.