Битолскиот Кризен штаб апелира доследно почитување на мерките за заштита од Ковид-19 затоа што бројот на ковид-инфицирани граѓани се зголемува.
Штабот за заштита и спасување по завршувањето на денешната седница ја анализира актуелната здравствена состојба во општината и заклучи дека во последните две недели, бројот на новозаболени од Ковид 19 се зголемува и се забележува широка распространетост на трансмисија на вирусот.
-Во Битола дневно се вршат по 160 тестирања, од нив 100 ПЦР тестови во Центарот за јавно здравје, 30 брзи тестови во пунктот во УЗ „Панде Кајзеро“ и 30 тестирања во Здравствен дом „д-р Хаим Абраванел“-Битола. Здравствениот персонал кој работи со пациентите заболени од Ковид-19 е вакциниран. Во моментов во Клиничката болница Битола има доволно капацитети за сите пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, а до крајот на оваа недела се очекува да бидат ставени во функција и модуларните болници, информираа по седницата на Општинскиот кризен штаб и апелираа на одговорно однесување на сите граѓани и почитување на мерките за заштита на здравјето на населението.
Според поседните податоци на Министерството за здравство и согласно податоците од Институтот за јавно здравје во Битола во последните 24 часа регистрирани се 44 новозаболени лица од Ковид-19 со што во моментов во градот активни се 321 позитивен случај со коронавирус.