Во предизборната програма на Рамиз Мерко од 2017 беше ветена подземна гаража во центарот на Струга. Но и по 4 години, на терен се уште ништо не е направено за овој проект кој им е потребен на стружани. Гаражата беше предвидена со 500 паркинг места и со тоа би се решил долгогодишниот проблем на градот, особено во текот на летната сезона. Во 2018, Рамиз Мерко рече дека ја подготвуваат документацијата, јавува ТВ 21.
„Ветивме подземна гаража во центарот на градот со приватно- јавно партнерство. Значи ја подготвуваме документацијата и потоа ќе ја претставиме. Ќе објавиме меѓународен тендер за 35 години кој може да го искористи некој но по 35 години тоа ќе биде богатство на Општината“, посочи Рамиз Мерко.
Но и сега кога се ближат локалните избори оваа година, овој проект се уште не е започнат да се реализира. Во април беше избушено земјиштето за да се проучи местото каде ќе се гради гаражата. Во мај оваа година, во општинскиот совет на Струга беше презентиран идеен проект за подземна гаража со инвеститорот Ас Инвест во кој се вели:
Изградбата на подземната гаража ќе ја олесни големата преоптовареност , особено во текот на туристичката сезона. Предвидени се и објекти како амфитеатар на отворено над влезот и излезот на гаражата. Друг посебен елемент е носењето на Саат Кулата која постоела во минатото и кој секако треба да се врати. Исто така како дел од идејниот проект е и Мозаикот, споменикот на Мајка Тереза. Предложената идеја за изградба на подземната гаража е уредена на две подземни нивоа како и уредување на градскиот плоштад на Струга, “Мајка Тереза“.
Подземната гаража која е предвидено да се гради, започнува од плоштадот Мајка Тереза во центарот на градот до Хотел Дрим. Иако Мерко оваа гаража ја имаше предвидено да се изгради за време на неговиот мандат, до денес не е направено ништо на терен, а до локалните избори остануваат уште само два месеца.