Ниедна служба на Европската Комисија не е во можност да даде одговор кога Западен Балкан може да ја очекува ветената поддршка за вакцинација.
Портпаролските служби во Европската Комисија стојат на изјавата на претседателката Урсула фон дер Лајен, дадена за МИА пред две недели, дека „што поскоро“ треба да се остварат ветувањата за помош со вакцини за Северна Македонија и регионот.
Конфузијата и тензиите што владеат во ЕУ околу стратегијата со вакцинирањето очекувано се одразува на ветената помош за најблиското соседство како што е Западен Балкан.
И покрај сите повици на европската извршна власт за солидарност во ЕУ и со земјите надвор од ЕУ, за сега рокови нема.
Глобалниот механизам за помош на земјите со низок и среден приход, познат како Ковакс, не се очекува да стане оперативен пред летото.