Комисијата за заразни болести предложи, а кризниот штаб прифати олабавување на мерките кои беа донесени поради коронавирусот. Според предлозите, кои утре треба да поминат на владина седница се очекува целосно укинување на полицискиот час, но и дозвола за организација на свадби, концерти, настани и забави во клубовите, рестораните и локалите на отворен простор. Капацитетниот простор ќе мора да биде исполнет до максимални 50 проценти, а на ваквите настани нема да смеат да присуствуваат повеќе од 1000 лица.
„Очекувано е, ние секогаш сме биле помалку ригорозни заради економска состојба, егзистенција итн. Така да за полициски час освен што од медицински аспек нема причина да постои, а дека младиве порано доаѓаат дома тоа од социолошки аспект одговара. Исто и ова беше нелогично да има само свадби, а другите да не може да организираат настани. Така да се што е на отворено летно време особено, мислам дека може да се контролира состојбата и мора да се проба“, посочи проф. д-р Никола Пановски.
Пановски смета дека за намалувањето на бројот на заразени од корона вирусот помогна прележаноста, вакцините и топлото време. Тука не ги исклучува и мерките кои беа донесени од страна на институциите.
„Значи по секоја цена да се избегнува собирање во затворен простор туку се што се прави да се прави на отворено со дистанца и секаде каде што има гужва да се стави маска. Дезинфекција на раце да продолжи тоа е добра мерка не само за оваа болест, сега летно време има многу ентеровируси така да хигиената на рацете треба многу да се почитува“, додаде Пановски.
Покрај намалувањето на новозаразени лица, сè е помал бројот и на ковид-пациентите кои се лекуваат во болниците низ државата. Во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 65 пациенти од корона вирусот. Од министерството за здравство информираа дека денеска пристигнува нова количина на вакцините „Фајзер“, а до крајот на неделата, се очекуваат 500 илјадите вакцини од „Синовак“. За утре е најавено да пристигне и донацијата од 20 илјади дози на Астра Зенека од од јужниот сосед.