ПИШУВА: ЗОРАН ИВАНОВ

Големите теми не се креираат ниту во Тирана, ниту во Скопје, ниту во Приштина, ниту во Белград и сличните балкански паланки, туку во баеги повисоки стратегиски центри.

Со еден збор – театар.

Не е јасно зошто еднаш партиските лидери од Македонија не се окуражија да го поканат г-дин Рама да го угостат овде на нивниот домашен терен, во нивниот атар. Или пак, процениле дека вака, на туѓа сметка, ем најадени ем непотрошени.

Сериозно, зошто да не овде. Вака излегува дека со оваа втора покана за ручек средба во Тирана, Рама сакал, не сакал, на своевиден начин ги потценува, па и ги омаловажува своите политички колеги од Македонија. Башка на сета балканска јавност ѝ покажува дека нивниот политички центар не е таму каде што тие ги креираат своите партиски, уште помалку државни политики, туку дека за нив тоа е Тирана. И дека главниот град на државата Албанија е нивниот команден центар, дека, што би рекле Бугарите, е нивната Столица.

Толку за театарот. Се тресеше гора се роди ручек.

Патем, политизирањето на оваа тиранска средба, теориите за некаков заговор против Македонците и Македонија, е чиста глупост. Такви некакви проекции за „Голема Албанија“ сега и за „Мала Македонија“ утре, или пак за спасување или за уништување на нечии политички кариери и слични небулози, се приказни за мали деца зашто големите теми не се креираат ниту во Тирана, ниту во Скопје, ниту во Приштина, ниту во Белград и сличните балкански паланки, туку во баеги повисоки стратегиски центри.

Оттука, би било поинтересно јавноста да дознае за гастрономското мени со кои Еди ги удостоил своите Али, Арбен, Африм и Мендух и за кулинарскиот состав на сендвичот што го спакувал за партискиот скаут Билал.

Дека сето било топ, авторот на овие забавни редови воопшто не се сомнева бидејќи веќе ја има консумирано прекрасната богата и вонредно вкусна тиранската кујна. Впрочем, нека каже и Ориѓански кој таа привилегија таму ја има катадневно.

Превземено од Цивил Медиа