Со изјавата на Изет Меџити, партнерот на Мицкоски, дека планира две до три илјади вработувања на партиски кадри во администрацијата, се потврдува тезата на СДСМ дека се случува масовна партизација од страна на „Влен“ во сите институции, реагира опозицискта партија.

Душанка Георигиева Трпевски од СДСМ рече дека тоа се случува со амин и во договор со Мицкоски.

„Пред изборите ветија мерит-систем, професионализација и праведна држава, а сега веќе е нова песна. СДСМ предупредуваше дека ова се случува а сега доаѓа како директна и бесрамна потврда од Меџити. ВЛЕН ја третира државата како приватен бизнис, кој треба да го наполнат со партиски војници. Мицкоски седи и немо гледа што се случува. Но јасно е дека ова не е случајна изјава. Се поставуваат прашања – дали веќе постои подготвен план за масовна партизација на институциите пред изборите? Дали јавната администрација повторно ќе се претвори во партиски штаб наместо во сервис за граѓаните?“, рече Трпевски одговарајќи на новинарско прашање.

СДСМ побара итно стопирање на сите партиски вработувања и преиспитување дали постои организиран план за масовна партизација од страна на Меџити.

Првиот вицепремиер, Изет Меџити, на партиски настан по повод основањето на огранокот на Демократското движење во Шуто Оризари, истакна дека за една година Владата ќе реализира повеќе вработувања отколку што се направени во двата претходни мандати од другите албански политички субјекти.

„За прашањето на вработувањата, за една година ќе направиме онолку вработувања колку што тие направија за два мандати, осум години во Владата. Значи, ќе бидат стотици, ако не и 2-3 илјади Албанци во државната и јавната администрација и насекаде каде што има потреба од обновување на тие работни места, со што ќе се елиминира една пречка и проблем на нашите граѓани, за да не заминуваат во странство и да не ја гледаат својата перспектива надвор од државата“, изјави Меџити.

Тој додаде дека Демократското движење е посветено на обезбедување поправично и подостоинствено претставување на Албанците во државните институции, создавајќи конкретни можности за вработување и професионален развој.