Тројца осомничени лекари, двајца гинеколози од Битола и лекарка од Србија, која на 1 јануари годинава правеше царски рез во битолската болница иако нема соодветна лиценца за работа во земјава, се спогодија со Обвинителството и добија условни казни.
Од ОЈО Битола соопштија дека тие ги признале делата и се спогодиле. Првоосомничениот гинеколог, кој е сопруг на српската лекарка, се гонеше злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување службена исправа, а со спогодбата добил казна од 8 месеци затвор, која нема да се изврши ако во рок од три гони не стори ново кривично дело. Вториот гинеколог, кој е осомничен за злоупотреба на службената положба, се спогодил на затворска казна од три месеци, која нема да се изврши ако во рок од една година не стори ново кривично дело. Лекарката од Србија, која се гонеше за непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, добила парична казна од 1 000 евра.
Кривичното дело надрилекарство, за кое се гонеше српската лекарка „паднало во вода“, бидејќи првиот циклус на студии ѝ бил признаен од нашето Министерство за образование и наука, како и тоа што од Комисијата на Клиниката за гинекологија од Скопје претходно дозволила таа дел од турнусите во траење од 12 месеци да ги врши тука и да ѝ биде признаена специјализацијата што ја стекнала на Универзитетот во Белград.