Над 54 милиони денари засега се собрани на сметката на Црвениот крст за настраданите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, соопшти дека се во фаза на интензивна подготовка за достава на собраните средства, во согласност со законските прописи. Донесена е одлука за секој настрадан да се исплати сума од 150.000 денари, како првична финансиска и најитна помош.
Саити објасни зошто досега не се исплатени средствата. Како што рече, за да бидат префрлени, согласно Законот за личните податоци, потребна е трансакциска сметка и матичен број. За да ги користат овие лични податоци, според Законот, неопходна е писмена изјава на лицето кое го дава тој податок за натамошно користење.
„Викендов успеавме да ги собереме податоците за починатите. Се договоривме за лицата кои се лекуваат во странство, податоците да ги соберат заедничките служби на Владата и тие го прават тоа. Добивме дел од податоците, а остатокот ќе го добиеме во текот на денот. Ни останува уште еден предизвик да ги собереме податоците и изјавите на повредените и нивните семејства, на лицата кои се лекуваат во државата. Се надевам дека сето тоа ќе го завршиме денес и утре и веднаш пристапуваме кон исплата на средствата“, додаде Саити.
Тој е дециден дека непочитувањето на Законот за обработка на личните податоци е кривично дело и замоли на разбирање, тврдејќи дека тоа е единствената причина зошто се уште овие пари не се исплатени.
Телефонските линии ќе бидат отворени и во следните 10 дена бидејќи се уште има голем интерес интерес за донации од страна на граѓани, компании, институции.
Во врска со досегашната помош, Саити рече дека Цврениот крст доставил 200 ќебиња и постелнини и 10 инвалидски колички во болниците во Кочани. Во Штип и Скопје биле доствени по 200 комплети постелнина. Возилата на Црвениот крст беа ставени во функција за транспорт на повредените лица од Кочани до Скопје. Беа отворени линиите за донации, онлајн платформата. Црвениот крст е во контакт со партнерските друштва од земјите каде се лекуваат болни од пожарот и им се обезбедува поддршка на семејствата. Особена поддршка е понудена од Црвениот крст на Србија, Бугарија, Словенија, Грција и Хрватска.
Црвениот крст учествуваше и во организацијата на погребот на починатите, а останува посветен и во делот на давањето пихолошка поддршка.