Најмалку 12 лица загинаа, а 29 беа повредени во терористички напад што се случи за време на прославата на првата ноќ на Ханука на познатата плажа Бонди во Сиднеј.

Нападот се случил околу 18:47 часот по локално време, кога најмалку две вооружени лица отвориле оган кон околу 1.000 луѓе собрани во паркот Арчер, каде што еврејската заедница организирала јавна прослава. Меѓу загинатите има 12-годишно девојче и рабин, пренесуваат медиумите.

Полицијата соопшти дека еден од осомничените бил убиен на местото на настанот, додека вториот е повреден и приведен. Не е исклучена можноста за вмешаност на трет осомничен, но истрагата е во тек.

Полицијата на сојузната држава Нов Јужен Велс воведе безбедносен кордон околу делови од плажата Бонди. Во близина на местото на нападот беше пронајдено возило со импровизирани експлозивни направи, кои подоцна беа безбедно отстранети од специјалните служби.

Австралискиот премиер Ентони Албанезе го осуди нападот, нарекувајќи го „чин на зло, антисемитизам и тероризам“.

„Ова беше целен напад врз еврејската заедница на ден што требаше да биде ден на радост и прослава. Ова е удар во срцето на нашата нација“, изјави Албанезе, кој свика итна седница на Комитетот за национална безбедност.

Премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, ја пофали храброста на граѓанин кој се соочил со еден од напаѓачите и му го одзел оружјето.

„Тој човек е вистински херој и без сомнение спаси многу животи“, рече Минс.

Нападот предизвика осуди и изрази на сочувство од бројни светски лидери. Израелскиот претседател Исак Херцог го нарече нападот „подол терористички чин“, додека британскиот премиер Кир Стармер и лидерите на повеќе европски земји изразија солидарност со Австралија и семејствата на жртвите.

Текстот Сè што досега е познато за терористичкиот напад на плажата Бонди во Сиднеј е превземен од МАКФАКС.