Министерството за здравство и Фондот за здравство заедно со клиниките што се задолжени за пациентитите со цистична фиброза – Клиниката за пулмологија и Клиниката за детски болести веќе работат со потенцијални добавувачи. Работната група работи на промена на законите со цел да се обезбеди можност за купување директно на лековите од производител кој произведува патентиран лек и со тоа да може да биде достапен лекот по пониска цена од таа која што во моментот ја има, а еден лек е 330 илјади евра, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Тој, одговарајќи на новинарско прашање по настанот за традиционално закројување на лозје во село Ресава во Кавадарци, рече дека на состанокот со Асоцијацијата за цистична фиброза било договорено да се направи и протокол и процедури во однос на лекувањето на сите пациенти кои ја имаат оваа болест.

– Сметам дека во наредниот период сите работи ќе бидат завршени и дека ќе може и овие пациенти кои навистина им е потребна помош, како и на секој друг пациент да биде овој проблем решен, рече Ковачевски.

Ковачевски нагласи дека парите, веќе се наменски определени, тие се доделени на Фондот за здравство кои потоа од таму се префрлаат во клиниките кои потоа го купуваат лекот за нивните пациенти.