Се чекаат извештаите од терен за штетите од пожарите за да му се помогне на населението. Општинските комисии за проценка се на терен, некои веќе завршија со проценката и чекаат седници на советите за да ги усвојат и да ги достават до Владата, соопшти премиерот Зоран Заев.
-За тоа имаме предвидено 100 милиони денари кои традиционално се буџетски резерви за оваа работа. Дополнително, веќе дадовме насока за проценка на штетите и очекуваме другата недела Национални шуми да ги достават извештаите, а истовремено дадовме насоки и за доопремување, рече Заев во гостување во Дневникот на ТВ Сител.
Додаде дека есента ќе треба да се направи и масовно пошумување со садници на изгорените површини.
-Уништени се стотици и стотици хектари, тоа се нашите бели дробови и треба час поскоро да ги возобновиме, додаде Заев.