Кениската влада соопшти дека повеќе од 200 нејзини граѓани се приклучиле на руската војска како платеници во војната во Украина, откако наводно биле измамени со лажни ветувања за вработување.

Министерот за надворешни работи и дијаспора, Мусалија Виклиф Мудавади, изјави дека властите добиваат сè повеќе извештаи за граѓани кои, под изговор дека ќе добијат работа во странство, завршиле како борци на фронтот во Украина.

„Според нашите информации, повеќе од 200 Кенијци се приклучиле на руските вооружени сили. Меѓу нив се и поранешни членови на кениските безбедносни сили“, рече Мудавади.

Тој нагласи дека разузнавачките информации покажуваат дека регрутирањето странски борци од страна на Русија се шири, а сега вклучува и граѓани на африкански земји. Тој ја нарече ситуацијата исклучително загрижувачка и ги повика граѓаните да бидат претпазливи кон понудите што звучат премногу добро за да бидат вистинити.

Кенискиот претседател Вилијам Руто повика на ослободување на кениските граѓани заробени во зоната на конфликтот за време на разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела.

Други африкански земји пријавија слични проблеми. Владата на Јужна Африка претходно објави дека се обидува дипломатски да врати 17 свои граѓани кои биле намамени од ветувања за високи плати и завршиле заробени во Донбас.

Според украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, повеќе од 1.400 граѓани од 36 африкански земји моментално се борат на страната на Русија во Украина.

фото: принтскрин

Текстот Сè повеќе африкански платеници се борат за Русија во Украина: „Тие се измамени“ е превземен од МАКФАКС.