Собирањето потписи за независните кандидати за градоначалници и советнички листи трае до 30 август. Вработените во подрачните единици на Државната изборна комисија (ДИК) денеска и утре ќе работат еден час подоцна, а на 30 август, ќе работат до 24 часот, најавија вчера од ДИК.
Според податоците што ги објави вчера ДИК, досега 15 независни кандидати за градоначалници ги собрале потребните потписи за учество на локалните избори, а потписи собрале и 30 независни советнички листи во различни општини во подрачните единици на ДИК.
Паралелно тече и увидот во Избирачкиот список, како и промоцијата на кандидатите, како независни или со поддршка на партии и коалиции. Најновата соработка на локалните избори, објавена вчера, е помеѓу опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива.
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива, Христијан Мицковски, Зијадин Села и Африм Гаши, вчера на средба постигнале договор за соработка на претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври, објавија партиите во заедничко соопштение. За деталите за соработката ќе се договараат општинските организации на трите партии.
– Тема на ова средба беа претстојните локални избори и можноста за опозициска соработка помеѓу овие партии, при што како главен мотив беше посочена борбата против корупцијата и криминалот застапени во општините раководени од СДСМ-ДУИ. Тројцата претседатели констатираа дека водејќи се од извештајот на Транспаренси Интернешенл, според кој Македонија е рангирана на историско најлошото 111 место, станува неминовна опозициската соработка, со цел единиците на локалната самоуправа да бидат ослободени од корупциското владеење, од нетранспарентното трошење на пари и од злоупотреба на власта на СДСМ и ДУИ на сите нивоа на државната управа, информираа во соопштението трите партии.
Актуелниот градоначалник на Општина Куманово Максим Димитриевски, кој дојде на функцијата како кадар на СДСМ, најави дека влегува во трката за нов четиригодишен мандат, но како независен кандидат. Тој вчера информираше дека веќе го собрал потребниот број граѓански потписи за независната кандидатура.
– Според последните информации што ги добив во 13 часот, потписите на поддршка од граѓаните за нов четиригодишен мандат како градоначалник на Куманово се веќе собрани. Им благодарам на сите граѓани кои ме поддржаа и веруваме дека и во наредните четири години ќе продолжиме со упорната работа да го менуваме ликот на Куманово и да го забрзаме неговиот развој, изјави Димитриевски, откако ја поднесе кандидатурата до локалната единица на ДИК.
Според најавите, на претстојните локални избори Димитриевски ќе настапи и со независна листа на советници, а носителка ќе биде жена. Неговата матична партија СДСМ реши да оди со друг кандидат за градоначалник на оваа општина, а засега не е познато кој ќе биде противникот на Димитриевски на локалните избори во октомври.
– СДСМ ќе ја даде најдобрата понуда за граѓаните на Куманово на овие локални избори, а името на кандидатот и советничката листа ќе бидат објавени наскоро. Потегот на Димитриевски го олеснува изборот на граѓаните. Тој што им врти грб на граѓаните, на поддржувачите на демократската и прогресивната опција, на членството и базата на СДСМ, не може да биде најдобра опција за кумановци, реагираа вчера од неговата матична партија.
И независната кандидатка за градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска вчера објави дека ги собрала потребните потписи за нејзината кандидатура. Заблагодарувајќи им се на скопјани за потписите, побара поддршка од сите граѓани и партии и истакна дека влегува во оваа трка со чисто срце и јасна визија.
-Денешниот ден го завршуваме со собрани потписи за мојата кандидатура. Ви ветувам дека заедно ќе го направиме градот метропола со која ќе се гордееме. За Скопје од нас, за наше Скопје. Време е за брзи и ефикасни решенија за нашиот град, бидејќи сите сакаме да живееме во убав град, наведе Арсовска синоќа во објава на Фејсбук.
Демократската унија за интеграција (ДУИ), како што најави вицепремиерот и партиски функционер Артан Груби, на централно претседателство на партијата што ќе се одржи на 4 септември во Гостивар ќе ги соопшти кандидатите за градоначалници во 18 општини каде за локалните избори партијата ќе има свои кандидати.
Груби изјави дека е убеден во апсолутна победа во 16 од општините, а очекува победа во втор круг во општини како Брвеница, Студеничани и евентуално и Чашка.
– Нам не ни е потребна коалиција како што и е потребна на опозицијата уште од прв круг, да направат еден спој, на невозможното, помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива. Но сметам дека и тоа е добро за нив, го поздравуваме, ги поттикнуваме да соработуваат што е можно повеќе, затоа што само на тој начин, ќе успеат, некако да се доближат до ДУИ, но нема да успеат да ги добијат изборите, во сите тие општини, рече Груби од Тетово, каде ДУИ повторно настапува со актуелната градоначалничка Теута Арифи.
Министерот за здравство Венко Филипче и вчера повтори дека епидемиолошката состојба ќе биде основа какви мерки ќе има во наредните месеци кога ќе има локални избори и попис, но, како што изјави, ако се почитуваат протоколите нема да има проблеми.
– Ние минатата година дадовме препораки да нема големи митинзи и немаше и тоа што е битно е тоа што сите и политичките партии треба да знаат дека има препораки за тоа како собирите се организираат. И сега има општи препораки за организирање собири или настани на отворено или на затворено – колкав треба да е капацитетот зафатен од вкупниот капацитет на располагање, дистанците коишто треба да се држат и во рамките на одржувањето на настаните во рамките на протоколите ние не гледаме проблем. Значи, проблем има секогаш кога протоколите не се почитуваат, рече Филипче.