Во Собранието се подготвува Нацрт програма за работата на Собранискиот канал, преку којшто граѓаните ќе се информираат за работата на пратениците, но и за функционирањето на Парламентот. Новото студио од каде што ќе се емитува програмата е опремено, а паралелно со Нацрт програмата, се работи и на доекипирање на Собранискиот канал со новинари и друг персонал. Потоа, како што неодамна најави во интервју за МИА претседателот на Собранието Талат Џафери, ќе се започне со пробен период на работа.
Донесувањето на програмата на Собранискиот канал е обврска од измените и дополнувањата на Законот за Собранието.
Според Парламентарниот институт, целта е заедно со набавената опрема за модерно ТВ студио на законодавната власт и ангажираните вработени да се развие модерно емитување на агендата на Собранието и да се прикажуваат едукативни емисии за законодавната власт, други знаменитости, ре-емитување на програма од Европскиот парламент и друго.
– Минатиот месец се одржа работилница за подготовка на Нацрт – програмата на Собранискиот канал на која учествуваа 31 вработен од службата на Собранието, генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, како и претставници од МРТ, Националниот демократски институт (НДИ) и економски оператори, информира Парламентарниот институт на „Фејсбук“.
Ова е една од шесте работилници што годинава ги спроведува Парламентарниот институт на Собранието, финансиски помогнати од Националниот демократски институт преку Програмата за парламентарна поддршка (ПСП).
Претседателот на Собранието Талат Џафери во неодамнешното интервју за МИА посочи дека Собранискиот канал според Програмата за поддршка на Собранието во техничка смисла е комплетно опремен.
-Тоа е дамнешна одлука за формирање на Собранискиот канал имајќи предвид дека Собранискиот канал ги пренесува работите на Собранието во живо за работа на пленарните седници и Буџетот кога се работи на Комисија и секако сметам идејата е тој да биде извор за другите медиуми за веднаш да може да дава соодветна информација за работата и активностите на Собранието и на пратениците и да биде дополнување на изворот за информации автентично за она што се случува во Собранието во секој момент, вели Џафери.
Екипирањето на Собранискиот канал е при крај, додава тој, посочувајќи дека огласот бил повторен за дел од местата.
-Тоа е во соработка со Програмата за поддршка на Собранието со швајцарската Влада и со имплементаторот на Програмата. Значи, изборот се врши квалитетно во смисла на она што се пропишани сите критериуми по однос на систематизацијата на работи и работни задачи на соодветните работни места. Од тоа не се отстапува. Нормално, таа процедура поминува и во Агенцијата за администрација за да може да биде транспарентен целиот процес и се надеваме дека после одморите ќе биде екипиран да можеме да работиме на пробна шема за она што би значело и со што би се занимавал, рече Џафери.
Имајќи го предвид тоа, додава претседателот на Собранието, ќе треба да се доекипира Советот на собранискиот канал.
-Според Деловникот и Законот, претседател на Советот е еден од потпретседателите т.е. потпретседателот од опозицијата. За жал, таков немаме веќе во два мандати, но со измените на Законот, направивме можност како преоден период Советот да го води претседателот на Собранието до избор на потпретседател од опозицијата и да може да функционира соодветно, рече Џафери.
Минатата година во функција беше пуштена нова веб-страна, а, како што информираше Џафери, се врши и доопремување на просториите на салите каде што се одржуваат седниците на комисиите за да може да се обезбеди дигитализација и автоматско одлучување и пријавување за говори како што е и во пленарната сала.
Но, предупредува тој, се тоа зависи од постапката што се води, дали ќе биде успешна или не.
-А тоа знаете Законот за јавни набавки е јасен по однос на процедурите за извршување на тоа без оглед – може да биде се ок, меѓутоа ако не е во рамки на она што е потребата и ограничувањето Закон за јавни набавки не можете да одите во понатамошна постапка, вели Џафери.
Во минатото многу граѓани го гледаа Собранискиот канал во живо и директно се информираа за што расправаа пратениците и кои закони се носеа. Последните неофицијални информации за гледаноста на овој канал се дека сега него го гледаат многу малку граѓани односно дека гледаноста е само еден отсто.