Сите аранжмани со странски туристи, кои требаше да дојдат во Охрид и Струга, на почетокот на оваа туристичка сезона се откажани. Хотелиерите велат дека актуелната ситуација со Ковид 19, слабиот процес на вакцинација и зголемувањето на бројот на болни си го прави своето. Загрижувачка е ситуацијата и со некогаш најбројните гости, Холанѓаните. Нивниот број до 2019 година беше поголем од 40.000 во сезона, а сега едвај е илјада, но и тие не се сигурни.
„…Во моментот имаме многу слаб број на резервации и истите се под знак прашалник бидејќи сè уште нема никакви најави за воспоставување на летовите од Холандија до Охрид“, рече Асим Меџедовиќ, Тур опертор.
– Advertisement –
„Имаме откажувања што беа за март и април. Имавме најава за германски групи коишто за жал поради немање вакцинација во Германија, не можеле да излезат од Германија и да бидат наши гости. Сè уште ние сме на стенд бај“, рече Ана Јанчева-менаџер на хотел во Струга.
Некои хотелиери велат дека аранжманите им се откажани до крајот на јули.
„Имаме многу откажувања, во однос на најсилните наши резервации, кои ни се откажани до јули месец. Ние најчесто соработуваме со Американци, така што Американците ни се откажани до јули“, изјави Марјан Трчески-хотелиер.
Поради ваквата ситуација, угостителите бараат од надлежните институции итно да создадат услови за Македонија да може да добие сертификат за безбедна дестинација.
„Но, доколку го немаме тој сертификат, ќе биде многу тешко да имаме било каква туристичка сезона…“, вели Асим Меџедовиќ-тур опертор.
Во оваа насока, тур-операторите и хотелиерите апелираат во државава што побрзо да се започне со масовна имунизација и да се олесни процедурата за добивање на субвенции за туризмот.
Мики Трајковски