Од 1 февруари (вторник), „црвената“ зона ќе ги вклучува земјите со 14-дневна инциденца меѓу 500 и 5.000 заболени на 100.000 жители. Лицата кои пристигнуваат од овие земји ќе влегуваат во Бугарија со валиден ЕУ дигитален сертификат за вакцинација, документ за прележана болест, PCR тест, антиген тест или слични документи. Од министерството за здравство на Бугарија потсетуваат дека досега граѓаните што доаѓаат од црвена зона, покрај потврда за вакцинација или документ за прележана болест, требаше да достават и негативен резултат од PCR тест.
Бугарските државјани и лицата со статус на постојан или долгогодишен престој и членовите на нивните семејства кои не презентираат ниту еден од овие документи ќе бидат ставени во 10-дневен карантин. Новина е можноста за укинување на карантинот по антиген тест, што е полесно за граѓаните.
Условите за лицата кои пристигнуваат од „зелената“ и „портокаловата“ зона остануваат непроменети.
Во списокот на земји е воведена „темно црвена“ зона. Таа ги вклучува земјите со 14-дневна инциденца од повеќе од 5.000 заболени на 100.000 население.