Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека е без преседан одлуката за забрана за прелет на неговиот авион поради што ја откажа посетата на Србија.
На вонредната прес-конференција, која беше свикана наместо да патува во Белград, Лавров рече дека тоа е политика на двојни стандарди.
– Тие ќе кажат дека тоа им го кажале ЕУ и НАТО, а НАТО и ЕУ ќе кажат дека земјите сами одлучуваат, рече Лавров.
– Нека ви биде јасно, нашите односи со Србија никој, повторувам, никој нема да ги уништи, рече Лавров, додавајќи дека во Москва бил наречен министер за надворешни работи на Србија.
-Се случи нешто незамисливо. На суверена држава и е одземено правото да води надворешна политика. Меѓународните активности на Србија во руска насока се блокирани, рече Лавров на прес-конференција.
Според него, разговорите во Србија требало да бидат од поширок спектар, а требало да се зборува и за Косово и БиХ.
– НАТО и ЕУ сакаат да го претворат Балканот во свој Балкан, наречен Затворен Балкан и сега ни е тешко да изведеме поинаков заклучок, рече тој.
Според него, политиката денеска е насочена кон антируски правец, а потсети и на „воено-поттикнувачката“ изјава на Жозеп Борел.
– Јасно ви е колку ги чини Црна Гора и Северна Македонија членството во НАТО и зошто на НАТО му се потребни такви земји – да одржуваат антируска политика и закана, да бидат нивни бази за таква политика, додаде Лавров.
Тој потоа рече дека во Белград требало да се одржат повеќе церемонии и состаноци, а една од нив и да се запише во книгата на жалост за ослободителите на Белград и дека планирал пораката што ќе ја предаде да ја посвети на сите граѓани на Србија.
Лавров нагласи дека причините за одложување на посетата на Белград ги анализирале медиумите во Србија и регионот, односно Хрватска, а едната е дека „Лавров е персона нон грата и оти Лавров требало да го престигне Шолц, кој исто така доаѓа во Белград. Тоа го оставам на совеста на тие аналитичари бидејќи е понижувачко“.
– Америка сега може да каже, и тоа така функционира, дека Белград е закана за нивната безбедност, па да го бомбардира, како што рекоа дека Ирак е закана за нив па го бомбардираа, како што рекоа и за Либија, која, како и Ирак, е илјадници километри далеку. Тоа им е закана за безбедноста, а нашето објаснување е јасно, одамна го повторивме, тоа сè се случуваше на нашата граница, ова со Украина, а не некаде таму далеку, но сите тие наши предупредувања, особено до НАТО кој се доближи до границата со Русија, беа игнорирани, изјави рускиот министер за надворешни работи.
Вистина е и дека Западот сега и аплаудира на Украина, и заборава на се за што предупреди Русија и ѝ испраќа оружје. „Веќе немавме избор и сето тоа веќе го објаснив, сега само ве потсетувам“, додаде тој.
– Но знаете, политиката на ЕУ на Балканот и линијата на ЕУ во Украина се во суштина исти, само на Балканот се поддржуваат оние што ги ограничуваат интересите на Србија, а во Украина се поддржуваат оние што објавија војна на сè што е руско“, нагласи Лавров.