Најдобриот македонски ракометар, Кирил Лазаров, преку социјалните мрежи, се произнесе за разделбата со главните спонзори на клубот Голден Арт КЛ7.
– Во својство на единствен сопственик и идеен творец на брендот „КЛ7“, би сакал да ја известам македонската ракометна и спортска јавност дека истиот е во процес на редефинирање на стратегијата за натамошен развој и повеќе не е дел од групацијата „Голден Арт“, „Рехау“ и други. Во оваа прилика, би сакал да се заблагодарам на клубот за досегашната соработка и да им посакам многу успех и уште многу општествено одговорни проекти во иднина. За натамошна комуникација на сите идни ракометни активности поврзани со брендот „КЛ7“ ќе ја користам единствено оваа платформа. Брендот „КЛ7“ лично го градам повеќе од 25 години единствено преку сопственото знаење, способности и искуство и сметам дека го издигнав на високо ниво во меѓународни рамки гордо претставувајќи го македонскиот ракомет на светските арени.
Благодарение на овој мој бренд, многу деца во државава се мотивираа да започнат да се занимаваат со ракомет. Ако барем една третина од илјадниците дечиња кои до сега учествувале на „КЛ7“ ракометните кампови, сум успеал да ги оттргнам од пороците на денешницата и да ги насочам кон здрав физички и ментален развој, се сметам себеси за среќен човек. Тоа е мојот главен мотив за иден уште поквалитетен ангажман во ракометот.
Државата Македонија во мене вложи многу верба во спортски рамки, а јас со моето искуство стекнато во изминативе две децении интернационална спортска кариера ќе настојувам да го вратам дома, напиша Лазаров на Фејсбук.
Вчера, главните финансиери на клубот Голден Арт КЛ7, не брифинг со новинарите, објавија повлекување на Лазаров од проектот, а со тоа и КЛ7 од името тимот кој во следната сезона ќе игра во Првата лига.