Националната мрежа против хомофобија и трансфобија денеска во Скопје ја организираше втората Парада на гордоста, мод мотото љубовта е љубов, а нашата порака е посилна кога нашите гласови се обединети. Од мрежата велат дека парадата е протест, но и прослава, каде ги реафирмираат надежите за посолидарно, похумано и поправедно општество.
На парадата во знак на поддршка учествуваше и претседателот Стево Пендаровски, министeрката за одбрана Радмила Шекеринска, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и лидерката на ДОМ Маја Морачанин, а премиерот Зоран Заев изрази поддршка преку Фејсбук.
„Почит кон различностите. Да не ги стигматизираме и да не ги изолираме луѓето поради нивната сексуална ориентација. Секој има право на избор“, напиша на својот Фејбук профил, претседателот Пендаровски.
Премиерот Заев изрази поддршка за ЛГБТИ заедницата за нивната каузата за еднаквост, која последните четири години слободно се манифестира кас нас.
„Го делам ставот дека никој не е слободен додека секој еден не се ослободи затоа што нашата заложба за ‘Едно општество за сите’ ќе се реализира целосно кога секој глас ќе биде слушнат и најважно од сѐ – прифатен како еднакво важен со сите други“, напиша на Фејсбук Заев.
Секој е слободен да биде она што е!, напиша на Фејсбук, министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, која исто така учествуваше на парадата.
Министерката за образование, Мила Царовска, вели дека создаваме општество што негува културата и богатсвото на различностите.
„Градиме образование без стереотипи, предрасуди и дискриминација, затоа што еднаквоста се учи од најмала возраст“, напиша Царовска на Фејсбук.
Меѓутоа, не сите владини функционери изразија поддршка за Парадата на гордоста. Министерот за земјоделство, Арианит Хоџа се огласи на Фејсбук, истакнувајќи дека како родител не може да најде аргументи да им објасни на неговите три деца каква гордост се промовира на парадата.
од друга страна, мнозинството македонски граѓани го поддржуваат правото на ЛГБТИ луѓето да одржат мирен Марш покажува регионалното истражување на јавното мислење на Меѓународната организација за човекови права, Civil Right Defenders, во кое биле вклучени над 6.000 испитаници.
Според податоците, граѓаните потврдиле дека познаваат припадници на ЛГБТ заедницата и безмалку половина од испитаниците се согласуваат дека парадата има легитимна цел да го сврти вниманието на јавноста кон својата ранлива позиција. Наспроти ова 40 отсто од прашаните мислат дека парадата се организира за да го испровоцира мнозинството кое не го поддржува нивниот животен стил.