Денеска се навршуваат десет години од смртта на првиот демократски избран претседател на Бугарија, д-р Жељу Желев, пишува БГНЕС.
Желев почина на 30 јануари 2015 година, еден месец пред неговиот 80-ти роденден и два дена пред 1 февруари – датум што Желев го најави како ден за почит кон жртвите на комунистичкиот режим.
Жељу Желев останува во историјата на Бугарија како прв демократски избран претседател по промените од 10 ноември 1989 година. Филозоф и истакнат дисидент, јавна личност и државник.
БГНЕС потсетува дека по донесувањето на Уставот на 12 јули 1990 година, на 1 август – за претседател е избран д-р Жељу Желев. Роден е на 3 март 1935 година во с Веселиново, округ Шумен. Дипломирал филозофија на Софискиот универзитет во 1958 година. Во периодот 1961-1964 година бил аспирант на Филозофскиот факултет на Софискиот универзитет. Во 1974 година ја бранел кандидатската теза, а во 1988 година – докторската теза. Во 1975 година започнува со работа во Институтот за култура. Од 1977 до 1982 година бил раководител на секцијата „Култура и личност“ на истиот институт. Во 1967 година ја завршил својата книга „Фашизмот“, но истата била објавена 15 години подоцна (1982). Три недели подоцна истата била забранета и повлечена од книжарниците поради сличностите меѓу фашистичката диктатура и социјалистичкиот државен систем. Сепак, веќе биле продадени околу 6 илјади примероци. Во февруари 1990 година била формирана Федерацијата на клубови за демократија со претседавач Петко Симеонов и Оперативно биро во состав Жељу Желев, Ивајло Трифонов, Николај Матов, Георги Друмев, Георги Мишев, Димитар Лујев, Блага Димитрова.
Д-р Желев е ко-основач на СДС. Тој беше претседател на Бугарија од 1990 до 1997 година. За првиот мандат од 1990 до 1992 година беше избран за претседател од бугарскиот парламент, на местото на Петар Младенов, кој претходно поднел оставка. На негов предлог за потпретседател е избран ген. Атанас Семерџиев. На 12-19 јануари 1992 година, д-р Жељу Желев победи на непосредните претседателски избори. Во вториот мандат од 1992 до 1997 година, по законските измени е избран за претседател во тим со потпретседателката Блага Димитрова. Тој е претседател на Балканскиот политички клуб, основан на 26 мај 2001 година на негова идеја. На основачкото собрание под мотото „Да го европеизираме Балканот“ учествуваа претседателите Јон Илиеску, Сулејман Демирел, Емил Константинеску, Киро Глигоров, политички лидери од Босна и Херцеговина, Грција, Албанија, Македонија и Турција. Претседателот Жељу Желев е добитник на највисокото државно признание Орденот Стара Планина, 1 степен, како и на бројни академски и државни награди.