Продолжува трендот на намалување на бројот на работници во индустријата. Во декември лани во однос на истиот месец во 2019 година бројот на вработени е помал за 4,2 отсто. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во последниот месец од 2020 намалување на работниот кадар има во секторот рударство, преработувачката индустрија и во компаниите кои се занимаваат со дејноста снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.

Освен на годишно ниво, статистичките податоци од извештајот покажуваат дека состојбата со бројот на вработени е речиси идентична и во периодот од јануари до декември лани, односно намалувањето на бројот на работници е 4,6 отсто. Но, бројот на вработени во земјава драстично се намалува по ширењето на вирусот Ковид 19.

– Advertisement –

Податоците од терен покажуваат дека поради ковид кризата околу 50 илјади лица одстанале без своите работни места. Најголем дел од отказите беа поделени во микро, малите и средни претпријатија. Но, имуни не останаа ниту вработените во големите индустриски капацитети.

Од Владата се обидоа преку субвенционирање на минимална плата да ги спасат работните места во приватниот сектор, префрлајќи месечно по 14.500 денари по вработен во фирми кои беа погодени од кризата. Инаку, проблематичната состојба во индустријата годинава уште еднаш ја потврдува државната статистика која денеска објави дека во периодот од јануари до декември лани, индустриското производство се намалило за безмалку 10 отсто во однос на истиот период во 2019 година.

Иле Петревски

Прикажи повеќе