Бројот на позитивни лица на коронавирусот во земјата продолжува да се намалува, а се забележува пораст на интересот за вакцинација против вирусот. Министерот за здравство Венко Филипче информира дека досега преку веб платформата vakcinacija.mk пријавени се 395.776 граѓани. Според податоците на Министерството за здравство досега аплицирани се вкупно 255.259 дози вакцини, а ревакцинирани се 38.806 граѓани.
Со последните бројки 45,7 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 38,8 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Преку видео порака министерот Филипче ги повика граѓаните во што поголем број да се пријават за вакцинација, бидејќи само со масовна вакцинација на што поголем број граѓани ќе се стави крај на пандемијата.
–Колку побрзо и повеќе граѓаните се вакцинираат толку побрзо ќе ги прославуваме поводите за радост, родендените на саканите и свадбите на блиските. Вакцинацијата ни ја враќа слободата да ги прегрнеме нашите блиски, роднини, баби и дедовци, вели Филипче.
Завчера заврши Светскиот самит за здравство со ветување од фармацевтските компании за испорака на повеќе од 1,3 милијарди дози вакцини против Ковид-19 оваа година во земјите со низок и среден приход.
Американската фармацевтска компанија Фајзер и германската Бионтек ветија една милијарда дози вакцини, додека Џонсон и Џонсон – 200 милиони дози и Модерна 100 милиони дози вакцини против Ковид-19 за државите со низок и среден приход. Вакцините за сиромашните земји ќе бидат по набавна цена, додека за државите со среден приход би биле половина од цената.