Постапувајќи во врска со вчерашниот пожар во Визбегово, скопското обвинителство поведе итна постапка против две лица – маж и жена за спречување службено лице во вршење службено дејствие.

Постапката е поведена бидејќи двајцата физички нападнале екипа – новинар и снимател на ТВ Алсат М и ги спречиле во извршување на нивните службени задачи, односно да известуваат за настанатиот пожар во близина на отпад за старо железо.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, додека за осомничената е предложена мерка куќен притвор, бидејќи се грижи за две малолетни деца на возраст од 9 месеци и 3 години.

Мерките се предложени со цел нивно обезбедување, со оглед на тоа што освен наведеното кривично дело, обвинителството продолжува да ги истражува и причините за настанување на пожарот на отпадот во сооственост на осомничените и евентуалните опасности предизвикани врз животот и телото на луѓето, имотот и животната средина. Во таа насока во текот на вчерашниот ден и денеска се издаваат повеќе наредби и насоки за обезбедување докази.

Текстот Се испитуваат причините за пожарот во Визбегово, побаран притвор за двете лица кои нападнаа новинарска екипа е превземен од МАКФАКС.