Скопското основно јавно обвинителство до Основниот кривичен суд достави предлог за определување притвор за 22-годишниот возач кој вчера ја усмрти младата Викторија Н. (24) од Радовиш, додека преминувала на пешачки премин во Скопје.
Според обвинителството, постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците или вештаците и со тоа да ја попречува кривичната постапка, како и оправдан страв дека би можел да го повтори кривичното дело.
22-годишниот Ј.Ѓ. се товари дека сторил тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и кривично дело неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
„Осомничениот, на 20 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал со патничко моторно возило ‘цитроен Ц4’ по булеварот Партизански одреди. Кога дошол до крстосницата со улиците Московска и Љубљанска, каде семафорите биле исклучени од програм и работеле со трепкаво жолто светло, тој постапил спротивно на член 19 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно иако бил должен не обрнал внимание на пешаците на коловозот. Спротивно и на членот 35, приоѓајќи кон обележан пешачки премин, осомничениот управувал со автомобилот со брзина поголема од 50 километри на час, со што бил оневозможен навремено да го запре возилото во случај на потреба. Со предниот дел од возилото удрил во двајца пешаци кои поминувале по обележаниот пешачки премин. Оштетената девојка притоа се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место, додека другиот пешак бил повреден и пренесен во болница“, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Осомничениот возач ги оставил без помош повредените лица и останал во своето возило до доаѓањето на увидната екипа.