По реакцијата на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски за изјавите на премиерот Заев во Грција, не задоцни и реакцијата на првиот човек на ВМРО, Красимир Каракачанов, кој преку објава на социјалната мрежа facebook му се обрати на македонскиот премиер обвинувајќи го дека користел „селски финти“.
„Вчера Заев отишол кај Грците, кои ја блокираа Македонија дваесет и кусур години за сè и сешто за да побара поддршка од нив против Бугарија. Тој исто така рече дека бугарската позиција е, пазете – смешна!
Знам дека премиерот Заев нема елементарни познавања за историјата. Тој слушнал нешто за Гоце Делчев – факт, но сè друго му е матно, колку што е матна и муртинската матеница. Но, колку и да не ја разбираш историјата, не можеш постојано да се правиш на удрен, дека бугарскиот став за историските прашања е смешен и дека не сте очекувале дека Бугарија може да ја блокира Република Северна Македонија за преговори со ЕУ, заради тие прашања.
Друже Заев, јас ова барем 20 пати ти го кажав и најбратски те предупредив дека ако не го смените односот кон Бугарија и не престанете со малтретирањето на Бугарите во Македонија – ветото е неизбежно! Вие, овде како да ме разбиравте и ми велевте дека работите ќе се променат по вашите избори, по вашиот референдум и накрајот што едно големо … ништо! Се надевавте дека со вашите селски финти ќе не излажете, мислејќи дека ние Бугарите пасеме трева.
Кој толку многу ве научи да ги потценувате Бугарите и да мислите дека некој во Софија ќе ви тргне по паметот и ќе ви потпише бланко поддршка, а вие ќе продолжувате да не го почитувате Договорот за добрососедство и да ја градите својата државност врз основа на омраза кон сè што е Бугарско? Знам кој, всушност … Истиот ве научил и на нешто друго – да имате самодоверба како библиски месии. Но, колку што овие „квалитети“ им помогнале на вашите наставници, тие ќе ви помогнат и вам. Погледнете ги, па тие го исполнија пророштвото на пророчицата, ја растурија својата држава и повторно се собраа под иста круша. Срамота! Но, вие го следите нивниот пат.
Застанете, сфатете, не верувајте дека некој некогаш ќе успее да изврши притисок и принуда врз Бугарија и бугарскиот народ да ја предадат сопствената историја, нашата заедничка историја – бугарската историја!
Ова дело нема да се случи како што мислите, а ВМРО и целиот бугарски народ се гаранти за тоа!“, стои во објавата на претседателот на ВМРО Красимир Каракачанов.