Премиерот Димитар Ковачевски вели дека анализите што се прават за автопатот Кичево-Охрид треба да одговорат дали изведувачот и неговите подизведувачи по 10 години се во состојба да изведат вакво решение и дали проектантските куќи го направиле проектирањето како што треба.
Ангажираниот Фидик експерт, како што изјави денеска, ќе треба да каже кои се ефектите за начините на кои би се продолжило, дали со истиот изведувач, или би се прекинала соработката, во кој случај би имало финансиски импликации што ќе ги дефинира меѓународниот арбитражен суд што е наведен во Договорот за проектот, изгласан во Собранието.
-Врз основа на сите информации што ќе бидат прибрани ќе биде предложена одлука до Собранието, кое ќе го има финалниот збор бидејќи Собранието со Закон ја задолжило Владата да работи на ова решение, на овој начин и со тој изведувач од Кина, рече Ковачевски, на новинарско прашање по денешната посета на Пивара Скопје.
Според Ковачевски, 600. милиони евра за автопатот што се гради од 2014 година не одат „во контејнер“ затоа што 75 проценти од патот се веќе изградени, но, како што рече, проблем е што самото проектирање и репроектирање не биле направени на квалитетен начин и затоа овој пат се гради бесконечно.
-Од она што го имам како информација и врз основа на која и ја дадов мојата изјава е дека по продолжувањето на градењето на автопатот односно склучувањето на Анексот повторно на самата траса се појавиле нови 11 свлечишта кои не овозможуваат довршување на автопатот во овој момент. Од таа страна тоа е нешто ќе треба да се исправи, но од друга страна се поставува друго прашање дали тој изведувач и неговите подизведувачи по 10 години се во состојба да изведат едно вакво решение, рече Ковачевски.
Истовремено, дополни премиерот, Фидик експертот ќе треба да утврди и кои се ефектите за начините на кои би се продолжило, дали со истиот изведувач, или би се прекинала соработката.
Во однос на тоа кој ќе понесе одговорност за тоа што не е завршен автопатот и евентуалните финансиски пенали, Ковачевски потенцираше дека изградбата на инфраструктурата е во одговорност и надлежност на Министерството за транспорт, но оти одговорни за проектирањето се проектантските куќи кои ги правеле проeктите, а тие, како што нагласи, имаат име и презиме и лиценци што ги добиле во државава. Одговорен за изведба на работите, пак, дополни, е изведувачот на работите кој има Договор со сила на Закон.
Рокот за реализација на автопатот Кичево-Охрид истекува на 31 декември годинава, а дотогаш, според Министерството за транспорт и врски, треба се донесе одлука со најсоодветното решение за дореализација на проектот. Изградбата на автопатот, проектиран со вкупна должина од 57 километри, почна во 2014 година и од првично предвидените 374 милиони достигна вредност од 598 милиони евра. Не е завршен и покрај неколкуте анекси на Договорот со кинески „Синохидро“ со кои беа продолжени роковите.