Пописот не е пазар, не е отворање на алваџиски тефтер, туку спроведување на закон, вели заменик директорот на Државниот завод за статистика Иљми Сељми во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Како Државен завод за статистика, наведува, сакаме да се обраќаме до граѓаните, бидејќи пописот се прави за граѓаните.
Во коментар за впечатокот на граѓаните дека политичарите го киднапираа овој процес, Сељами вели дека жали што политичките партии не сфаќаат дека ако не се одржи пописот губат сите.
-Да, но овој однос на попис е однос меѓу Заводот за статистика и граѓаните. Ние им се обраќаме на нив, ние им тропаме на врата на граѓаните, граѓаните ни отвораат врата, граѓаните ни даваат податоци, ние завршуваме со пописот и тоа е тоа. Постигнат е ефектот, пописот е направен. Со ова сакам да кажам дека политичките агенди за жал на Балканот никогаш не престанувале, не престануваат и нема никогаш да престанат. Впрочем тоа и во оваа целосна ненормалност можеби е и нормално поради тоа што на политичките партии тоа им е работа, да најдат агенда, да најдат теми и таму каде што ги нема. Треба да сфатиме сите, јас жалам што не сфаќаат политичките партии дека ако не се одржи пописот губат сите, вели Сељами.
За првпат, наведува, оваа година се прави попис од стручно тело, Државен завод за статистика што впрочем и е работа по сите акти, да прави попис, да прави статистики итн. Значи ако не знае Државниот завод за статистика да прави попис, кој друг би знаел, политичките партии? Знаете дека постојано се зборуваше за доверба во пописите- го прават Македонци нема да веруваат Албанци, го прават Албанци нема да веруваат Македонци па Турците нема да веруваат итн. Еве има и Македонец директор има и заменик директор кои ќе гарантираат, секој од своја гледна точка, за вистинитоста на податоците.
-Не сме ние тука поставени од никого, ниту пак јас би прифатил такво нешто, да седам тука и некој да ми делегира, господинот Ахмети или господинот Заев да ми се јават и да ми кажат направете вие да има 30 проценти Македонци, 20 проценти Албанци, толку Турци. Ова не е пазар, ова не е отворање на алваџиски тефтер. Ова е спроведување на закон, наведува Сељами во интервјуто за РСЕ.