Собранието, а не општините, мора да одлучува за прашањето со мигрантите, соопшти денеска СДСМ, оценувајќи дека премиерот Христијан Мицкоски со денови одбива јасно да одговори дали ќе ја потпише предложената резолуција со која, како што наведуваат, треба да им се гарантира на граѓаните дека во Македонија нема да има прифаќање мигранти за пари.

Од СДСМ наведуваат дека наместо директен одговор, Мицкоски најавува локални иницијативи преку советниците на ВМРО-ДПМНЕ во одредени општини, што според партијата е обид темата да се префрли од државно на локално ниво.

„Зошто Мицкоски не го споменува Собранието, туку зборува за општини? Собранието е највисокиот орган на државата и е составено од пратеници директно избрани од народот. Затоа резолуцијата е народен договор“, се наведува во соопштението.

Од СДСМ посочуваат дека Собранието е над општините и има надлежност да спречи прифаќање мигранти на целата територија на државата. Во соопштението иронично се додава дека „добро е што премиерот не најавил иницијативи на ниво на месни заедници“.

Партијата уште еднаш го повика премиерот Христијан Мицкоски јасно да се изјасни дали ќе ја потпише резолуцијата, наведувајќи дека од него се бара едноставен одговор – „да“ или „не“, и тоа, како што велат, не до СДСМ, туку до граѓаните.

Вчера, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, соопшти дека опозицијата се обединува против, како што беше наведено, тајните договори на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за прифаќање мигранти. Филипче информираше дека на негова покана се одѕвале претставници на сите партии од опозициската коалиција, кои разговарале за договор за мигранти со Велика Британија.

Тој изјави дека сите учесници се согласиле оти ваквиот модел претставува голема опасност за државата и нагласи дека резолуцијата за прекин на процесот за примање мигранти не е партиска, туку државничка и граѓанска иницијатива.

Од друга страна, премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека мигрантски кампови нема да има и најави дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијативи до советите во општините за усвојување документи со кои ќе се забрани формирање мигрантски кампови на нивните територии.

Тој го обвини СДСМ дека свесно шири страв и паника кај граѓаните, посочувајќи дека Владата и надлежните институции повеќепати ги демантирале ваквите тврдења.

Текстот СДСМ: За мигрантите мора да одлучува Собранието, а не општините е превземен од МАКФАКС.