СДСМ ја обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ по најавата за блокирање на законот за такси на горивата. Од владеачката партија напоменуваат дека опозицијата и Мицкоски се најголеми штетници по здравјето.
„ВМРО-ДПМНЕ, кои во сред пандемија со коронавирусот блокираа носење антикризни мерки среде корона, кои блокираа и се уште го блокираат Законот за изградба на нов клинички центар, сега најавуваат блокада на мерки за еколошки инвестиции.
ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се најголеми штетници по здравјето на граѓаните.
Како власт, ВМРО-ДПМНE поттикнуваше загадување на воздухот и животната средина, а сега како опозиција блокира законски решенија со кои ќе се обезбедат повеќе средства за инвестиции во обновливи, еколошки извори на енергија.
Заради таквите нивни погубни политики државата со години беше рекордер во загадување во Европа.
Еколошките такси се неизбежен дел од политиките за здрава и чиста животна средина. Од една страна, преку нив се поттикнува користењето на поеколошки енергенси во секојдневнието, а од друга страна, на овој начин се собираат средства за зелени инвестиции кои потоа имаат повеќекратен и долгорочен ефект за економијата.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се водат единствено од лични и бизнис интереси, секогаш на спротивната страна од интересите на граѓаните и државата. Затоа одново ќе бидат поразени на избори.“, велат од СДСМ.