СДСМ се огласи со писмено соопштение по повод денешниот протест за како што велат демонстрантите, уставобранителите, односно за ослободување на осудените за 27 април. ВМРО-ДПМНЕ велат дека не се организатори, но излегоа на протестот.
Поради тоа од СДСМ со реакција:
Денеска ВМРО-ДПМНЕ повторно се враќа на местото на злосторот, денеска ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски повторно протестира за одбрана на насилството.
Старо ВМРО-ДПМНЕ, стара песна остатоци од мрачното минато денеска излегоа на улица, го славеа насилството и режимот со истата хушкачка реторика, со истата насилничка кореографија од пред четири години и со прекршување на протоколите за заштита од ковид 19.
Христијан Мицкоски, Јанко Бачев, Димитар Апасиев, инсталациите на Никола Груевски денеска застанаа зад насилството, зад осудените лица кои упаднаа во Собрането на 27 за да спречат транзиција на власта и да ја погазат волјата на народот.
На 27 април 2017 на крвавиот четврток, вооружени насилници упаднаа во Собранието и се обидоа да убијат пратеници, новинари и вработени во собраниските служби, тоа го виде целата домашна и меѓународна јавност.
Крвави глави, тепани пратениците, под закана новинари, претепани пратеници кои завршија во кома, тоа се нечовечки дела на насилници. Насилници не се уставобранители и никогаш нема да бидат.
Денеска, Мицкоски кој и самиот беше дел од толпата пред Собранието на крвавиот четврток, застана токму зад овие осудени насилници, застана на браникот на криминалот и насилството.
Поддржан од неговите соработници и извршители, Апасив и Бачев, Мицкоски ги реализира нарачките од неговиот ментор во Будимпешта, Никола Груевски.
Единствена цел на Мицкоски е да ги одбрани криминалите во редовите на неговата партија и неговиот шеф Груевски.
Мицкоски е остаток од режимското минато, потрчко на Груевски и Мијалков кој работи на штета на граѓаните и државата, но криминалот нема да го одбрани. Одговорност за сите криминали, вклучително и за организаторите на крвавиот четврток мора да има и ќе има.