Приведените полициски службеници за трагедијата во Кочани се истите за кои СДСМ со месеци наназад алармираше, објавуваше факти и аргументи во серијалот „Вистината за Кочани“, соопшти денеска партијата, предупредувајќи на сериозни пропусти во истрагата и можноста дека во меѓувреме биле уништени важни докази.
„Јавноста мора да знае колку докази исчезнаа додека Тошковски и Јанев ги штитеа своите полициски кадри. Месеци наназад негираа вина, манипулираа со родителите и создадоа услови истрагата да биде компромитирана. Тоа е недозволиво“, соопшти СДСМ.
Од партијата велат дека уште од првиот ден предупредувале дека полициски службеници имаат директна одговорност за пожарот во кој животот го загубија 62 деца, а над 200 беа повредени, но надлежните институции молчеле сè до јавниот и медиумскиот притисок.
„Да не беше нашата упорност, гласот на родителите и дел од медиумите, ништо од ова немаше да се случи. Затоа бараме итна институционална, политичка и кривична одговорност“, порача СДСМ.
Партијата директно го посочува Александар Јанев, директорот на Бирото за јавна безбедност, како лице кое „ги поставил, штител и им давал наредби“ на приведените полициски службеници.
„Јанев мора веднаш да си поднесе оставка, за да не влијае врз истрагата и расчистувањето на случајот“, наведуваат од СДСМ.
Истото, според нив, важи и за министерот Панче Тошковски кој, како што велат, „тврдеше дека нема вина кај полицијата, додека ги штитеше своите кадри“.
„Христијан Мицкоски пак ја злоупотреби трагедијата за политички напади, свесно лажеше и ги манипулираше родителите, додека вистинските виновници од неговата власт беа заштитени“, обвинуваат од СДСМ.
Партијата завршува со ставот дека „без одговорност за Јанев, Тошковски и Мицкоски – нема да има правда за Кочани. А без правда, нема мир за родителите, граѓаните и државата“.