Вчерашните изјави на министерот за здравство, Арбен Таравари, и премиерот Христијан Мицкоски, го потврдија тоа што СДСМ го тврди – дека зад договорот за паркингот на Клиничкиот центар стои криминален интерес и дека Владата не се грижи за пациентите.
Според нив, министерот за здравство ја оправдува зголемената цена на паркингот со споредба со цените во трговските центри, што СДСМ го смета за срамно и скандалозно.
„Министерот Таравари ја правда зголемената цена на паркингот, споредувајќи ја со цените во трговските центри. Ова е скандалозно и срамно. Граѓаните ќе плаќаат 50 денари на час за да одат на лекар, наместо 30 како досега. Пациентите немаат избор, тие мораат да дојдат во Клиничкиот центар и владата ги уценува со високи цени”, изјавија од СДСМ, обвинувајќи го министерот за здравство за неодговорност кон здравјето на граѓаните, особено оние кои се соочуваат со сериозни болести.
Дополнително, во изјавата на Таравари се потврдува дека други компании се воздржале од учество во тендерот за паркингот, бидејќи се сомневаат во иднината на Клиничкиот центар.
„Можеби Клиничкиот центар нема да остане тука повеќе од седум, осум, десет години“, изјави Таравари, што според СДСМ целосно ја разобличува неспособноста и хаосот во Владата.
„Само пред еден месец, директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски, изјави дека изградбата на нов Клинички центар е стопирана поради демографски причини. Па што е вистината?“, се прашуваат од СДСМ, поставувајќи прашања за контрадикциите во изјавите на владини претставници.
Во исто време, СДСМ го критикува министерот Таравари за тоа што Владата на Мицкоски предвидела смешно ниска провизија за државата – само 1% од годишните приходи на паркингот.
„Министерот Таравари потврди дека Владата на Мицкоски предвидела смешно ниска провизија за државата – само 1% од годишните приходи на паркингот. Ова значи дека паркингот буквално се подарува на приватна фирма!“, велат од СДСМ, додавајќи дека ова значи дозволување огромен профит на сметка на пациентите и граѓаните.
СДСМ најостро ја осудува криминалната зделка за паркингот во Клиничкиот центар, која е директно на штета на граѓаните. Според нив, ова покажува дека Владата на Мицкоски нема никаква грижа за здравствениот систем и пациентите, туку работи единствено за приватни интереси. Додека јавните здравствени установи тонат во долгови и недостиг на ресурси, Владата буквално го распродава државниот имот за безвредни трошки.