„СДСМ зборува за факти, Владата сама соопшти дека го именувала Ељези, а под притисок го повлече. Фатени во сопствените лаги прес-службата на Владата на Мицкоски се демантира самата себе“, се вели во попладневното соопштение на СДСМ.

Од СДСМ велат дека од Владата во соопштение до медиумите испратено на 24 јуни се наведува дека Ибрахим Ељези е именуван за в.д. заменик-директор на „Идризово“, одделение во Велес, а наведени се и други назначувања, како и она на Емил Јанески кој на предлог на директорот на Управата за извршување на санкции е именуван за в.д. директор на КПД „Прилеп“, а за кого Илиевски рече дека има кривична пријава за „несовесно работење“.

„Тоа соопштение го имаат сите медиуми и денешната реакција на истата прес-служба дека не бил именуван е смешна. Впрочем врз основа на ова владино соопштение медиумите и ја пренесоа веста за неговото именување“,

додаваат од СДСМ од каде прашуваат „дали Владата на Мицкоски сака да каже дека медиумите сами си ја измислија веста?“.
Според наведеното во соопштението од СДСМ, Владата треба да одговори и дали тоа што си правеле пиши-бриши на соопштенијата под притисок на јавноста значи дека Владата е пишман и за други одлуки.

„Кое друго име е избришано од најавените назначувања за директори?“, прашуваат од СДСМ обвинувајќи дека ова е класична криминална кадровска политика.