Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски соопшти дека на локалните избори ќе предложат нови кандидати за градоначалници на Куманово, скопски Центар, Битола, Струмица и Крива Паланка. Во овие пет општини старите градоначалници не добија шасна за втор мандат.
Во Центар, се предлага Горан Герасимовски наместо досегашниот градоначалник Саша Богдановиќ. Во Битола на местото на Наташа Петровски ќе се кандидира Христо Кондовски.
Во Куманово, кандидат ќе биде Оливер Илиевски, директор на ЈП „Водостопанство“ и секретар на општинската организација на СДСМ.
Николовски рече денеска дека актуелниот градоначалник на Куманово Максим Дикитриевски со независната кандидатура сам се исклучил од СДСМ.
Во Струмица, кандидат на СДСМ ќе биде пратеникот и портпарол на партијата Костадин Костадинов, за местото на досегашниот градоначалник Коста Јаневски.
Една третина од сите 69 кандидати за градоначалници на СДСМ, посочи Николовски, се нови лица.
„Во останатите општини СДСМ ќе поддржи кандидати на нашите коалициски партнери. Тоа е во Гостивар, во Дебар, во Чаир, во Сарај, во Липково, во Пласница, во Боговиње, каде СДСМ нема да истакне кандидати, но секако советнички листи СДСМ ќе има во сите општини“, изјави Николовски.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека СДСМ нуди стари и истрошени кадри.
„Кандидатите на СДСМ за градоначалници се лица кои смениле и по неколку функции до сега, воопшто не се нови како што велат, многу се подмитливи и тоа се виде по неколку афери кои излегоа за нив и се луѓе со сомнително бизнис минато“ изјави на прес конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.