Аудио снимката на која се слуша Јелена Жугиќ од ВМРО-ДПМНЕ е вистински доказ дека Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се против ЕУ и против НАТО, велат од СДСМ.
„Во снимката Жугиќ зборува дека тие, ВМРО-ДПМНЕ, се бореле против Брисел и Вашингтон. Жугиќ во снимката вели и дека тоа не биле нејзини, туку зборови на Христијан Мицкоски.
Антизападниот Мицкоски се крие и од сопственото членство, па испраќа емисари како Жугиќ по општинските комитети како да ги пренесат неговите пораки, бидејќи нема образ да каже дека е против ЕУ и НАТО ниту пред своите сопартијци.
Снимките кои протекоа во јавноста, на кои се слуша гласот на Жугиќ, го обелоденија вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ, партија која е против ЕУ и НАТО, против едно општество за сите, партија која знае само да блокира и да внесува раздор и да прави поделби меѓу граѓаните.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ со ваков деструктивен однос кон граѓаните и државата, со таквата понуда, може само да очекуваат нов, седми пораз од граѓаните.
Граѓаните се против блокади, деструкции, омраза и поделби, граѓаните се за напредок, за развој, за евроатланска интеграција.
Затоа граѓаните редовно ги казнуваат ВМРО-ДПМНЕ на избори, затоа уште долго ќе бидат во опозиција“, се наведува во соопштението на СДСМ.