Не стивнува говорот на омраза кон членовите и поддржувачите на кандидатот на СДСМ и актуелен градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов.
Овој пат на мета на црната кампања се најдоа ди-џејот Мирко Попов, политичкиот аналитичар Сефер Селими и уметникот Зоран Кардула. Социјалните мрежи вријат од негативни коментари по нивната јавно изразена поддршка за СДСМ и нивните кандидати.
Па така, на твитер и на Фејсбук може да се сретне сè, од разни лични навреди и осудувања за Попов, до јавни повици за линч и за физичко насилство. Меѓу коментирачите на настапот на Мирко Попов на митингот на СДСМ се наоѓаат опозициски политичари, оперски пејачи, новинари и останати општествени личности, чии шовинистички коментари се насочени токму кон Попов.
Ништо подобро не поминува ни поддршката на визуелниот уметник и графички дизајнер, Зоран Кардула, со отворени навреди, особено од членовите и симпатизерите на Левица и ВМРО-ДПМНЕ.
По објавата на Фејсбук статус на Кардула за недоличните коментари на членовите и поддржувачите на опозициските партии на социјалните мрежи, самиот стана мета на експлицитен говор на омраза, со кој се напаѓа Кардула, неговата работа и неговото семејство.
„Не коментирав за изборите, но позната и толку пати слушната и прочитана реторика од страна на симпатизерите на ВМРО, не може да остави човек рамнодушен. Познатото ниво на комуникација го продолжуваат еве веднаш после вториот ден од првиот круг на локалните избори. Очигледно брзо се заборавија заканите, малтретирањата кои беа секојдневие кон сите кои не беа со нив за време на нивното владеење. Не успеаја да еволуираат ни педа за овие години“, вели во својата објава на Фејсбук Кардула.
Младиот политички аналитичар, Сефер Селими, пак на својот Фејсбук профил имаше објава во која раскажува случка со локален таксист, симпатизер на ВМРО, кој со прекорувачки тон кон него се обидел да му посочи што Селими „требал да кажува по дебати“.
„Во синоќешниот неврзан разговор со таксист, кој се чинеше дека ја поддржува ВМРО-ДПМНЕ, со речиси привлечни ’аргументи‘ дебатиравме за моите јавни ставови и речиси со прекорувачки тон ми кажа што и како да зборувам. За среќа, беше малку доцна, а патувањето беше кратко, па не стигнавме до точка да ми покаже како да размислувам“, пишува Селими.