РЕК Битола секој ден се уништува, производството се намалува, а работниците работат во услови опасни по живот. Комбинатот работи само со еден блок – Блок 3, а и тој не се знае колку ќе издржи оти има сериозни проблеми, тврди СДСМ.

„Пред извесно време се случи експлозија во командата на отпепелување на Блок 3 во која изгореа трафостаниците што ги снабдуваат со струја траките за отпепелување. За гаснење на пожарот се искористија над 20 противпожарни апарати, а предизвикана е огромна штета. Наместо итно да се оспособат трафостаниците, дел од машините се поврзани на продолжен кабел и од него добиваат струја за работа“, велат од партијата.

Од таму наведуваат дека работниците се принудени рачно да работат се што треба и не треба и секој ден животот им е во опасност, но, како што велат од СДСМ, принудени се да молчат заради закани и притисоци од шефовите.

„Директорите и новопечените советници во РЕК Битола знаат за оваа работа и ништо не преземаат. Тие што тврдеа дека ќе го накренат РЕК Битола кога ќе дојдат на власт, се гробарите на комбинатот. Отпепелувањето на Блок 3 не работи, турбината на Блок 1 има девијација и блокот е надвор од функција, нема абер од ремонти. Во РЕК Битола ситуација никогаш не била полоша“, велат од СДСМ.