СДСМ ја брани т.н. еколошка такса од три и пол денари. ВМРО – ДПМНЕ напаѓа – владата на Заев го ограбува народот преку раст на цените на горивата. Владејачката партија од партиската говорница повторно порача дека со зелената такса ќе значи дополнителни 55 милиони евра годишно во државната каса кои, како што тврдат, ќе се користеле за еколошки проекти.

Advertisements

„Ова не е кризен данок како што лажно обвинува ВМРО-ДПМНЕ. Овие такси ќе бидат наменети исклучиво за зелени инвестиции и зелени работни места. Тоа ќе придонесе за раст на економијата и за почиста животна средина. На овој начин дополнително го унапредуваме енергетскиот сектор, затоа апелираме сите пратеници во Собранието да покажат одговорност и да застанат зад законските измени кои носат придобивки за државата“, вели Каја Шукова, СДСМ.

Опозицијата цврсто останува на ставот дека станува збор за кризен данок преку кој власта настојува да го полни празниот буџет. Обвнија дека во последната година, бензините поскапеле за 21 денар, а дизелот за 17. ВМРО – ДПМНЕ предупредува на ценовен шок и поскапувања на производи и услуги кои тесно се зависни од цената на горивото.

„За да не дозволиме Заев да прави што сака и да ја става целата држава во агонија и сиромаштија, иако веќе е – пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со сите можни средства кои им стојат на располагање во рамки на Собранието и во рамки на демократското работење ќе го блокира овој предлог законот на Заев за кризен данок од 4.13 денари на горивата. Да потенцирам уште еднаш, ќе го блокира со сите расположливи средства ова не смее да помине и овие давачки не смеат да бидат на товар на граѓаните“, рече Димче Арсовски, ВМРО – ДПМНЕ.

Мерката „еколошка такса“ власта планира да стапи во сила од 1 – ви јули. Но, освен ВМРО – ДПМНЕ, блокада на предлогот во Собранието најави и коалицијата Алијанса на Албанците – Алтернатива. За мерката, освен партиите, со критики реагираа и стопанството и транспортерите.

Бојан Стојановски