Синоќа се одржа седница на Централниот одбор на СДСМ на која се дискутираше за повеќе теми поврзани со актуелната политичко-економска ситуација во земјата, беа донесени неколку заклучоци но и одлуки за подготовките на партијата за претстојните локални избори.

Од денес, 30.04.2025 година, започнува постапката за утврдување на кандидатите на СДСМ за советници и градоначалници на претстојните локални избори.

„Преку отворена, инклузивна, транспарентна и демократска внатрепартиска постапка, СДСМ заедно со своето членство ќе ги избере најдобрите кандидати за локалните избори. Целта е СДСМ да биде претставена од способни и кредибилни личности, кои уживаат доверба и во својата околина, и меѓу сопартијците, но и од граѓаните кои живеат во општините. Луѓе кои можат да испорачаат резултати и имаат капацитет да ја спроведат програмата со која партијата ќе настапи пред граѓаните“, велат од СДСМ.

Исто така, Централниот одбор го овласти претседателот на партијата, Венко Филипче, да оствари разговори со постојните коалициски партнери на СДСМ, како и со потенцијални нови коалициски сојузници за настап на локалните избори.

„Централниот одбор на СДСМ оцени дека непосредно пред локалните избори, иституциите под контрола на власта, координирано вршат притисок врз градоначалниците од редовите СДСМ. Тоа го сметаме за тенденциозен политички притисок и претставува злоупотреба на државните институции во партиски цели од страна на ДПМНЕ. СДСМ со сите механизми кои ги има на располагање ќе го штити интегритетот на нашите градоначалници и ќе ги брани демократските стандарди и приници“, велат од партијата.

Пратеничката група на СДСМ подготвува и специјален закон за обезбедување конкретна и директна поддршка за семејствата погодени од трагедијата во Кочани. Законот ќе биде поднесен во Собранието во текот на следната недела. Тој е изготвен според меѓународни искуства и добри практики од земји кои се соочиле со слични несреќи.

„Со законот се предвидува финансиска и институционална помош за семејствата на настраданите, како и дополнителна поддршка за оние кои имаат повредени блиски. Целта е да се помогне во надминување на последиците и трошоците што произлегуваат од трагичниот настан, но и да се зајакнат институционалните системи што се покажаа како недоволно подготвени“, велат од партијата.

Од таму велат дека остро се спротивставуваат и го осудуваат секој обид за политичка злоупотреба.

„За време на средбата со родителите пратениците на СДСМ забележаа членови на подмладокот на политичката партија Левица, доколку се приклучиле со цел да извлечат политичка и партиска корист најостро ги осудуваме“, велат од партијата.

Текстот СДСМ почна постапка за утврдување кандидати за локалните избори е превземен од МАКФАКС.