Според СДСМ, потона уште едно лажно ветување на ВМРО-ДПМНЕ, нема да има нов Клинички центар.
„Пред изборите ветуваа модерен, нов Клинички центар кој ќе овозможи подобри здравствени услуги за сите граѓани.
Денес, кога се на власт, признаваат дека нема да го реализираат ова ветување, а наместо тоа, нудат импровизирано решение – пребукирана Градска општа болница „8 Септември“ да стане регионален центар.
Ова не е реформа во здравството, ова е уште еден доказ за неспособноста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните нема да добијат подобра здравствена услуга, нема да се намалат листите на чекање, нема да има суштинско подобрување на системот. Напротив, само ќе се продлабочат проблемите во здравството“, истакнуваат од оваа партија.
Очигледно е, додаваат, дека ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет да реализира ниту еден капитален проект во здравството.
„Ако можат без проблем да договараат сомнителни кредити од Унгарија, тогаш нека обезбедат средства и за Клинички центар. Но наместо тоа, нивниот приоритет е партиските интереси, а не здравјето на граѓаните“, нагласуваат од партијата на Филипче.