Смешни се изјавите на Христијан Мицкоски дека наводно по негово барање биле стопирани исплатите од ИПАРД 3. Исплатите од ИПАРД не може, ниту законски, ниту процедурно, да ги стопира ниту претседател на влада, ниту министер, ниту партија, велат од СДСМ.
„Тоа го прави Националниот овластен службеник за авторизација (НОА), институција што делува во рамки на Министерството за финансии, но работи независно, според европски пропишани правила и стандарди. Тоа значи дека НОА не постапува по налог на Владата или на Мицкоски, туку исклучиво по сигнал од Европската комисија или по внатрешна проценка за ризик на системот за контрола на исплатите. Мицкоски, обидувајќи се да се спаси од политичка одговорност, се поставува како „контролор“ на европски пари, а тоа е апсурд кој ја покажува неговата некомпетентност и паника“, велат од партијата.
Од СДСМ велат дека ИПАРД 3 е суспендиран затоа што Агенцијата за доделување на ИПАРД е компромитирана со корупција, злоупотреби и партиски влијанија.
„Апсењето на директорот и неговите блиски соработници, поставени токму од Мицкоски и министерот Трипуновски, е директна причина за активирање на механизмот на суспензија. НОА постапува за да ги заштити европските средства од понатамошна злоупотреба. Мицкоски не може да го претстави тоа како сопствена одлука, затоа што ова е санкција од европскиот систем на контрола – не успех на Владата, туку доказ за нејзин неуспех“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека ова е втор пат во последните 15 години кога програмата ИПАРД се суспендира, и двата пати кога ВМРО-ДПМНЕ ја води Владата.
СДСМ повикува на одговорност и оставки. „Државата не смее повторно да биде понижена од партиски експерименти и корупциски шеми кои ја уништуваат довербата на ЕУ во институциите“, велат од таму.
Текстот СДСМ: Мицкоски лаже – исплатите од ИПАРД не ги стопира тој, туку европскиот механизам за финансиска контрола е превземен од МАКФАКС.























