Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, си оди од функцијата со признание за нејзиното лидерство во процесот на зачленување на нашата држава во Алијансата и за нејзината визија за развој на одбраната и на Армијата согласно стандардите на НАТО. Признанието на Шекеринска и го врачи американското одбранбено аташе, полковникот Питер Роуел.
Како нејзина најверојатна наследничка во МО се споменува Славјанка Петрова, иако деновиве се споменуваше и името на Катерина Ставревска, кадар на МНР. На местата пак на Јагода Шахпаска во МТСП и Ирена Стефоска во култура, според последните најави, доаѓаат други социјалдемократки: Јована Тренчевска и Бисера Костадиновска-Стојчевска. Позицијата министер за образование и наука, од која се повлече Мила Царовска, пак, се очекува да ја преземе досегашниот министер за информатичко општество и администрација, Јетон Шакири од ДУИ. Од друга страна, поранешната пратеничка на СДСМ, Славица Грковска се очекува да ја преземе вицепремиерската функција за борба против корупцијата, наместо Љупчо Николовски, кој се враќа во земјоделство, односно на позицијата на која до ноември минатата година беше Асријанит Хоџа од Беса, која излезе од Владата.
Со тоа, се очекува и во Владата на Димитар Ковачевски да има четири министерки од СДСМ и да ја пополни женската квота. Министерството за правда, најверојатно, ќе му припадне на непартиски кадар, односно на Никола Тупанчевски, долгогодишен професор на Правниот факултет на УКИМ во Скопје.
Во новата Влада останува досегашниот министер за правда, Бојан Маричиќ, но ротира на вицепремиерско место во Секретаријатот за европски прашања, односно на позицијата на Никола Димитров. Досегашните позиции во Владата, пак, се очекува да ги задржат досегашните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски – Оливер Спасовски, кој неодамна се повлече од потпретседателското место во СДСМ и Благој Бочварски, кој порано исто така беше потпретседател на владејачката партија, а едно време беше и градоначалник на Штип. Реизбраниот потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, пак, останува вицепремиер за економија.
Кандидатите на Ковачевски за членови на неговата Влада вечерва треба да ги потврди Централниот одбор на СДСМ, на седницата што е закажана за 20 часот.Ковачевски уште утре би можел да ги достави до Собранието предлозите за нови министри и програмата за работа на неговиот кабинет.