Откако вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ ја отвори можноста за формирање широка предизборна коалиција во насока на поддршка на евроинтегративниот процес во земјава, МИА побара став за оваа можност од политичките субјекти.
Според Маричиќ, широката коалиција, би ги вклучила сите партии, освен ВМРО-ДПМНЕ и Левица и ќе биде формирана во насока на креирање широк фронт на политички партии, што ќе се најдат на страната на поддршка за брзо зачленување на Северна Македонија во ЕУ. Маричиќ во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат наведе дека СДСМ е голема, сериозна и одговорна партија која има јасна цел и план, а тоа е фокусирање на европскиот концепт и пат.
Од СДСМ на прашањето за широка коалиција во интерес на евроинтегративниот процес за МИА нагласија дека ставот на партијата е идентичен со тоа што во јавноста го изнел Маричиќ во интервјуто за „360 степени“ и оти тој јасно ја изнел идејата и нејзината цел.
Од коалицискиот партнер на СДСМ, ДУИ за МИА посочуваат дека остануваат на ставот оти во овие значајни моменти се заинтересирани за градење на широк проевропски фронт со вклученост на сите политички партии кои како приоритет го имаат евроинтеграцискиот процес.
– Сега во овие значајни моменти сме заинтересирани да изградиме широк проевропски фронт кој ќе се соочува со сите предизвици со кои се соочува државата и општеството. За наредните избори секако дека ние сме максимално фокусирани на реализирање на програмските определби, владините определби за кои сме гласале кога сме дале доверба на Владата, а изборите се во 2024 година и дотогаш има време. Сега максимално сме фокусирани на реализирање на програмските определби. Широк проевропски фронт значи вклучување на сите политички партии, кои како приоритет го имаат евроинтеграцискиот процес и не само политички партии, туку и невладини организации и експерти итн., информираат од ДУИ.
Вицепремиерот во интервјуто не одговори директно дали Алијанса за Албанците ќе влезе во Владата, но рече дека постоела подготвеност и идеи, а дали тоа ќе се случи во следниот период ќе зависи од разговорите и волјата на политичките лидери.
Од АА, пак за МИА, посочија дека во моментов не преговараат за влез во владината коалиција. Од партијата за МИА велат дека засега „се во коалиција само со граѓаните“ и не размислуваат за други форми.
– Партиите во моментот треба да се концентрираат да работат за гласање на уставните измени, реформите и отворањето на преговорите со ЕУ. Овие процеси не треба да се спречат со ништо, брифираат од АА.
Од АА посочуваат дека тие постојано даваат поддршка на евроинтеграцискиот процес.
– Кога сме кај евроинтеграцискиот процес, АА го поддржува цело време и во секој чекор, а во неколку случаи како што беше „францускиот предлог“, бевме и одлучен фактор кој го спаси гласањето, додека мнозинството немаше кворум, велат од партијата.
Движењето БЕСА, како што нагласија од партијата за МИА, не коментира ставови и стратегии на други партии.
– Движењето БЕСА секој ден има се поголема поддршка со своите автохтони политики и целта ни е да бидеме победник во албанскиот блок, велат од партијата.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека Владата „во отсуство на доверба од граѓаните“, се обидува да придобие политичари „во замена за министерски или директорски функции“.
– Хрватите имаат соодветна поговорка која може да ги отслика и политичките желби на владата на СДС, поддржана од ДУИ, а тоа е „што се баби хтило, то се баби снило“. Европски стандард е Владата и премиерот да ги бира народот на избори, а не како Ковачевски и Ахмети кои сметаат дека државните функционери треба да му бираат влада на народот. Но, бидејќи Владата не може да ја придобие довербата на мнозинството граѓани, веројатно ќе се обидува да придобие уште еден грст политичари во замена за министерски или директорски функции. Како и да е, влада која нема народен легитимитет најчесто нема ни капацитет да работи во интерес на народот и порано или покасно таквите влади паѓаат, потенцираат од партијата за МИА.
Инаку, Маричиќ во интервјуто вели дека секоја идеја и концепт што оди во насока на креирање широк фронт на политички партии што ќе се најдат на страната на поддршка и на клучните реформи, брзото зачленување на Северна Македонија во ЕУ и отстранување на сите бариери на тој пат е нешто за што вреди да се размисли.
– Мислам дека сите овие идеи што имплицираат окрупнување на фронтот за европска Македонија и на фронтот што треба да ги носи промените, а фронтот треба да биде отворен за сите оние што искрено веруваат во европска иднина на Северна Македонија, треба да го оставиме како тема на размислување и концепт на размислување, кажа Маричиќ.
Марија Спасовска/МИА