По објавената Резолуција со црвените линии, добро е што ниедна од партиите, ниту ВМРО-ДПМНЕ, не ги отфрла црвените линии ниту чекорите од планот кој го предложи СДСМ, велат од опозициската партија.
Во овој контекст, додаваат од СДСМ, уште еднаш нагласуваме дека самата Резолуција е во заеднички национален и државен интерес, ги содржи сите потребни одредници за заштита на македонскиот јазик, идентитет, историја и култура и предвидува јасни државни позиции и чекори во однос на евроинтегративниот пат.
„Што се однесува до коментарите на Мицкоски за „лажни и неточни историски факти“, јасно укажуваме дека такво нешто во Резолуцијата нема. Напротив, во неа се вградени прецизно, фактографски и историски, сите претходни резолуции и историски датуми во прогресот кон Европската унија, и нема ништо непрецизно. Порачуваме дебатата на оваа тема во иднина да продолжи конструктивно – на никој не му оди во прилог да се извртуваат тезите или да се укажува на неточности кои реално не постојат“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека се отворени за сите конструктивни забелешки на партиите и сите политички чинители.
„Време е конечно да изградиме национален консензус во интерес на сите граѓани и да покажеме зрелост дека партиите може да соработуваат кога се во прашање повисоки цели и иднината на државата. Граѓаните од партиите очекуваат дијалог и соработка кога станува збор за нивната иднина. СДСМ е подготвен на тоа“, велат од СДСМ.
Текстот СДСМ: Добро е што ВМРО-ДПМНЕ не ги отфрла црвените линии е превземен од МАКФАКС.