„Буџетот за 2023 година кој е во собраниски процедура е развоен и е одговор на последиците од енергетската и економската криза.

Во него, за нови мерки за помош предвидени се 250 милиони евра.

Во споредба со 2022 година, во новиот Буџет приходите се зголемени за 14,8 отсто, додека дефицитот се намалува за 0.7 процентни поени во однос на проекциите за 2022 година.

75 милијарди денари или 10 отсто повеќе се зголемуваат средствата за исплата на пензии, додека 12,5 милијарди денари се предвидени за исплата на надоместоци за социјална заштита на најранливите категории граѓани.

Обезбедени се дополнителни средства за усогласување на платите со минималната плата во текот на следната година, согласно новата методологија.

Тоа значи дека веќе во март следната година ќе имаме ново зголемување на минималната плата и ново покачување на пензиите, додека грижата за ранливите категории продолжува.

Нивото на капиталните проекти е на близу 800 милиони евра, односно за околу 52,3% повеќе во однос на проекцијата за 2022 година.

Буџетот за 2023 е развоен и обезбедува услови за зголемен економски раст, кој во следната година според проекциите на ЕБОР треба да изнесува 2.3 отсто, што е повеќе во однос на проекциите за растот во земјите од еврозоната кој исто така според ЕБОР е проектиран на 0,3 отсто.

Сите пратеници низ конструктивна и аргументирана дебата да го поддржат Буџетот за 2023 година кој е во интерес на граѓаните и македонската економија“, се вели во соопштението на СДСМ.