Скандалот на Кардиохирургија каде што пациент почина со пукната аората, е реалната и стравотна слика за состојбата во здравството – колабиран систем, кој наместо да лекува, уништува животи. Ова го изјави Белкиса Зекири – членка на Извршниот одбор од СДСМ.
Таа рече дека пациентот почина затоа што државната клиника не можела да му ја изведе потребната итна интервенција – поради нефункционалност на здравствениот систем.
„И Државниот здравствен и санитарен инспекторат потврди: ангиографската сала на Кардиохирургија не работела еден месец, а немало ниту стент-графтови. Како може државна болница, од стратешки интерес, да нема основни услови за спас на човечки живот? Многу отворени прашања за кои нема конкретен од одговор од најповикуваниот-министерот за здравство Таравари. Толку му е важна состојбата во здравството, што допрва ќе го гледал извештајот на инспекторатот. Граѓаните плаќаат здравствено осигурување за да добијат лекување, а не за да гледаат како нивниот живот виси на конец поради нечија неспособност и негрижа. Ова не е здравствен систем – ова е здравствена и хумана катастрофа!“, изјави Зекири.
Оцени дека во последните 10 месеци, Владата и министерот Таравари го донесоа здравството до колапс. СДСМ бара оставка од министерот за здравство Арбен Таравари и од директорот на државната Клиника за Кардиохиргија, Дејан Димитровски.
„Нема лекови нема терапии за онколошките пациенти. Деца умираат на Клиниката за детски болести. Нема клиника без хаос. Нема пациент без страдање. Министре Таравари, знаете ли што ви се случува? Или сте премногу зафатен со политички пазари и изборни математики? Задоцнетите извештаи нема да вратат животи. За оваа хуманитарна катастрофа мора да има одговорност“, изјави таа.
Семејството на починатиот пациент, 59-годишниот Тони Ангеловски претходно обвини дека тој не бил опериран бидејќи од клиниката им кажале дека нема слободни сали. Ги препратиле до приватни болници, каде им било кажано дека квотата била исполнета до јуни. И покрај тоа ги повикале да го донесат пациентот, да го стабилизираат, но бидејќи немале дел кој им е потребен, не можело веднаш да се изврши процедурата.
Од Клиниката за кардиохирургија велат дека пациентот веднаш бил згрижен, ја примил потребната терапија, по што состојбата му се стабилизирала. Кога биле разгледани сите наоди, лекарскиот конзилиум утврдил дека ако се изврши отворен хируршки третман, шансите за преживување на пациентот би биле екстремно мали, што му било и објаснето на семејството. Од тука потврдија дека втората сала е надвор од функција повеќе од еден месец поради поставување нов апарат, кој бара и реадаптација на просторот.
Препорачани биле две приватни болници, како и лекување во странство.
Министерот за здравство Арбен Таравари вчера изјави дека ќе има одговорност ако бидат утврдени пропусти.
Текстот СДСМ бара оставка од Таравари и директорот на Кардиохирургија по случајот со пациентот кој умре чекајќи операција е превземен од МАКФАКС.